Италијанците доминантни на Охридскиот пливачки маратон

383

Италијанците Франческо Гетини во машка и Барбара Поцопон во женска конкуренција, се победници на 32. издание на Охридскиот пливачки маратон, што се одржа денеска во Охридското Езеро.

Во неизвесниот финиш втор во машка конкуренција стигна Едуардо Сточино, а трет беше Андреа Бјанки, двајцата од Италија. Во групата која речиси едновремено стигна на целта беше и македонецот Евгениј Поп Ацев, кој сепак не заврши на подиумот.

Од жените втора беше Ана Олас од Унгарија, а Аличе Франко од Италија е трета.

Натпреварувачите ги пречка претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, кој им честиташе и на најдобрите во машка и женска конкуренција им врачи пехар, а за вторите и третите – медали.

Апсолутниот победник на 25 километарската делница „Климе Савин“, беше италијанецот Џетини, кој патеката ја мина за 5 часа 13 минути 59 секунди и 62 стотинки.

Во изјава за медиумите потврди дека прв пат учествува на Охридскиот пливачки маратон и после добриот старт успеал да стигне до победа.

– Беше навистина добра трка. Од почетокот се обидов да не ја користам целата моја сила и на крај успеав да победам, рече Џетини, кој скоро цело време ги предводеше маратонците, кои несвојствено пливаа во група.

Барбара Поцопон, која и минатата година го освои овој маратон нагласи дека трката била добра, но оти на крај времето не ги послужи.

– Почнавме со сонце, а завршивме со дожд и бранови што е тешко за оваа пливачка дисциплина, рече Поцопон.

Нашиот претставник Поп Ацев, кој беше во водечката група иако очекувал медал заостана во последните метри.

– Последните метри заостанав поназад од тоа што се надевав. Добра трка. Иако не се чуствував баш најдобро за време на трката сепак на финишот се надевав дека ќе освојам барем медал, но последните метри снемав сила, изјави Поп Ацев.

Дваесет и пет километарската трка ја почнаа 30 натрпеварувачи во машка и женска конкуренција, од кои двајца се откажаа некаде на половина, во близина на Трпејца.

Стартот го означи единаесет кратниот победник, Петар Стојчев од Бугарија. Бугарскиот пливач победуваше од 2001 до 2004. Во 2005 година од тронот го симна Французинот Жил Рондо, а потоа победуваше од 2006 до 2012 година во серија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...