Веќе постојат цврсти докази дека нашите мистериозни роднини и европски претходници – неандерталците, кои ја населиле Европа стотини илјади години пред нас – кромањонците, иако физички значително посупериорни, а, по сè изгледа, интелектуално сосем рамноправни, почнале забрзано да исчезнуваат од лицето на Земјата по појавата на нашиот вид на територијата на денешна Европа, некаде пред 40.000 години. „Соживотот“ помеѓу родбинските подвидови луѓе траел можеби десетина илјади години и завршил најверојатно со потполното истребување на неандерталците. Дали исчезнале како последица на губењето на тоталната војна што против нив ја повеле новодојденците од Африка (можеби најсмртоносната миграциска криза во прастара Европа!), или од некоја друга еволуциска причина, не ни е познато. Факт е дека последните упоришта на неандерталците биле планинските предели на териториите на денешна Шпанија и некогашна Југославија. Тие ни ја оставија во наследство мистеријата за нивното постоење и исчезнување и по неколку проценти од нивниот генски запис во нашата крв.
Културата како биолошко оружје
Но, прашањето што науката со најмногу усилби и имагинација сака да го одговори е: што било вистинската причина за нивното исчезнување, односно што се покажало како најживотоспособното својство на нашите предци, што им ја обезбедило супериорноста во натпреварот со неандерталските Еевропејци? Најчестата хипотеза – што веќе прерасна во научна парадигма – е дека клучот на биолошкиот успех на хомо сапиенсот е активната и дотогаш во еволуцијата невидено брза и прилагодлива интеракција помеѓу нашиот мозок и природата. Брзината на оваа интеракција е неспоредливо поголема од темпото на генетските прилагодувања во биолошката еволуција, а оваа брзина нашиот вид ја обезбедува со помош на најсилното биолошко оружје во познатата вселена: културата. Човечката култура е таа што може секавично брзо да се прилагодува на нови ситуации, да ги препознае опасностите, да ги препознае и инвентивно организира излезните патишта, да ги изгради мостовите и бродовите потребни за спасоносните или победничките решенија.
Основно средство со кое културата се формира, негува и шири е јазикот, односно комуникацијата помеѓу луѓето, а единствен и најдобар „проводник“ на комуникацијата е густината и хомогеноста на човечките заедници. Оваа „проводливост“ (да го злоупотребам овој електротехнички поим) е толку поголема колку што се посилни и погусти социјалните релации помеѓу луѓето, колку што се позаеднички нивните вредности, надежи, мотивации, колку што е поголема општествената солидарност во заедничкиот живот. И, да, колку што е поочигледно дека овие вредности и својства на културата го обезбедиле победничкото освојување на планетата од страна на човечкиот вид, толку станува поочебијно парадоксалното современо исчезнување токму на заедничките надежи, додека за солидарноста денес е веќе анахроно и да се зборува. А, доколку во лефтерно друштво, при ракија и мезе, почнете да зборувате за најчовечната фаза од културната еволуција на видот, за социјалната револуција во чиишто фундаменти ќе биде токму хомогеноста на општеството врз основа на принципот на солидарност и еднаквост, тогаш очекувајте сите да почнат нежно да ве тапкаат по рамо, благо буткајќи ве кон вратата, ш’шкајќи умирувачки да не ви ја влошат очигледната ментална растроеност.
Генетската грешка
Социологот Томас Едсол пишува дека глобалниот неолиберален капитализам ја бутка општествената еволуција кон безмилосна состојба во која поединците, сите без остаток, мораат да се снаоѓаат сами, и дека во последните три децении е извршена таква атомизација и индивидуализација на општествата – Маркс тоа го нарече отуѓување – што е поразена и самата идеја за општествена, солидарна надеж, а закопана е во незнајна јама и политичката имагинација што може да ги мотивира движењата чијашто цел би била послободен свет и благосостојба на сите, што би се темелела на солидарноста и братството помеѓу луѓето. Ова дробење на културниот и социјалниот медиум ги намалува капацитетите на заедницата за решавање на заедничките проблеми, а „приватизацијата на надежта“, како ја нарекува Едсол, го умртвува и најосновното чувство на заедништвото и смислата на постоењето на колективот. Најперверзниот симптом на оваа еволуциска патологија на видот е појавата на движења и политички трендови секаде во светот што полетно и страсно работат во корист на очигледната штета и пропаст на сите. Во светот – тоа е вистинскиот бехар на фашизмите, кај нас – тоа е македонскиот фашизам во куси панталони, генетската грешка во зачнувањето на македонскиот проект – веќе погодивте – тоа е ВМРО.
Појавата на движење, на партија, на злосторничко здружување што злобно работи на пропаста на целата заедница е, без секое сомневање, генетска грешка во биолошката еволуција на видот, зашто солидарноста и заедништвото беа, како што видовме, најсилните и најчовечните својства на хомо сапиенсот. А, анонимусите што по несреќен случај станале лидери на тие злосторнички здружувања, кои со изјавите за кобожемски статистички истражувања во кои „поддржувачите на договорот се во рамките на статистичка грешка“, сакаат ем подло да го минираат референдумот, ем да го скријат својот кукавичлук и да се спасат себеси од одговорност дека тие се лично против НАТО и ЕУ. Каква долна подлост?! Кога ќе се посече ова суштество на бричење, мора да му потекува однатре чисто зло, ко густа опиумска смола…
Објавено во „Слободен печат“