Во највлијателните македонски пишани медиуми, кречам (С. Басара) повеќе од десет години. Бадијала. Дипломатските флеки, понекогаш покриени и со тапети, а нанесени рамномерно за време на сите досегашни влади, толку навлегле порано во малтерот, а сега во стиропорот, што остануваат непокриени и по секое кречење. Дипломатски гледано, сега сме пред големото спремање. Го чистиме патот кон НАТО и ЕУ. Не сум сигурен дека бојата што ја нанесуваме, со едно кречење (референдум), ќе ги покрие сите дамки, макар што во упатствата за прием во новото друштво сè јасно е зацртано. Ова тврдење мора да се документира. Затоа, батали молерисување. Клучниот збор е дискрепанција, овој пат меѓу активностите на, не без причина, самоуверениот, харизматичниот, елегантниот, калифорниски, безмалку да кажам холивудски привлечниот и над сè, по првпат МНР со вистинска дипломатска кариера и непотребно многубројниот дипломатски состав, што во палатата „Сарафов“, што во скапо изградените и преплатените амбасади.
Непотребни протоколарни грешки
Но, пред да ја елаборирам оваа констатација, да напоменам дека уште поголема дискрепанција во активностите се на линија Кабинетот на претседателот на државата и Кабинетот на МНР, а со подобра координација на Кабинетот на премиерот Заев и на министерот Димитров, би биле избегнати веќе забележителниот број непотребни протоколарни грешки, во кои внимателните набљудувачи на нашата надворешна политика не гледаат единствено протоколарни гафови. За избегнување на ваквите грешки се најодговорни шефовите на кабинетите, кои сè уште не ја сфаќаат својата основна функција на филтер на информации што нивните шефови ги добиваат, односно будни набљудувачи во комплетно скенирање на линкот Кабинет на премиерот и Министерот за надворешни работи. Тие се изненадуваат (без потреба) или уживаат во улогата да бидат секогаш покрај министерот. Функцијата шеф на кабинетот им е покритие за таквиот ангажман. МНР нема голема причина да не се сложува со таквиот тандем. Така не е во сериозните дипломатии. Шеф на кабинет на трите наведени личности е сериозна институционална функција (МНР).
Во изминатите речиси триесет години, РМ имала десет министри за надворешни работи. Имавме двајца министри на надворешни работи на кои тоа им беше речиси прва работа. Имавме министри кои пред тоа беа министри за внатрешни работи односно одбрана, што исто така не е вообичаено. Имавме министри што потоа станаа амбасадори, што не постои во дипломатската практика. Имавме министри во чиишто мандати се случија немили настани, со кои беше загрозена и безбедноста на државата. Сите досегашни министри за надворешни работи имаат единствено една точка заедничка. За шефови на кабинетите избираа нивни луѓе од доверба, а не добри познаватели на дипломатска технологија на работењето.
МНР треба да се кречи
По првпат имаме министер за надворешни работи, кој ги исполнува условите успешно да ја претставува РМ. Тоа тој и го прави со помош и на ѕвездите што му се наклонети. Личниот придонес во ефектите од неговото ангажирање не може да се доведе во прашање. Неговата надворешна презентација е препознатлива и конечно очекувана. Единствена опасност, која е малку веројатна, е да не се соживее со помислата дека РМ значи нешто во меѓународните односи, а посебно не дека тој е нов Кисинџер. Едно време, исто така младиот и шармантен поранешен австриски МНР, покажа такви тенденции. Моја желба би била нашиот сегашен министер за надворешни работи да појде по стапките на долгорочните министри, кои оставија забележливи траги во надворешната политика на нивните држави. За тоа е потребна и политичка култура кај нас која недостасува. Сега конечно за дискрепанцијата. Министерот Димитров е убавата слика во огледалото на нашето меѓународното претставување. Каква е ситуацијата во институцијата МНР? Никаква. Сè по старо. Треба да се кречи, а молерите никако да пристигнат. МНР не е институција. Тоа е чекалница на чиновници што без стандардни критериуми чекаат да отидат на гурбет. Да, на гурбет. Нашите дипломати токму тоа го прават. Ним не им е важно каде одат туку само да одат. Одењето во странство им е доказ за нивните врски, најчесто партиски, а и единствена лична аспирација. Посебна е приказна со амбасадорите, кои најчесто не знаат што им е функцијата. За државата е поевтино на некој заслужен партиски војник да го награди со 48 амбасадорски плати (околу 150.000 евра) да седи каде што е, отколку да го испратат надвор за амбасадор. Кост-бенефит анализата лесно ќе покаже дека сум во право, а посебно ако за време на мандатот не направи некој скандал, што кај нас е веќе правило. Посебно е значајно кој нè претставува во големите дипломатски центри (Вашингтон, Лондон, Берлин, Москва, Париз, Брисел, Стразбур, Њујорк). Таму амбасадорите се сликата за нашата држава. Ако тие се инертни, без сопствено мислење, а посебно како што е вообичаено и без вистински инструкции, тогаш нашата позиција слабее. Сегашниот министер има обврска да биде максимално чувствителен кого предлага за амбасадор во наведените центри. Тоа што нашите влади се секогаш коалициони со ненаситни амбиции на помалите партии, не е оправдување. Не е оправдување и критериум да биде колку години провел во МНР. Може некој да го проведе и целиот работен век во МНР па да остане дрво.
Досегашните министри за надворешни работи не ја сфатија доволно улогата на Генералните конзулати кои сега се кадровски празни. Забораваат дека да бидеш генерален конзул во Њујорк, Истанбул, Петровград или Минхен) е позначајна функција колку амбасадори во најмалку дваесетина држави каде што имаме амбасади. Конечно сегашниот министер мора дипломатската мрежа да ја преполови, а од друга страна главните центри кадровски да ги екипира според значењето на државата. Не е важен бројот на нашите државни конзуларни претставништва. МНР не е туристичка агенција што бара егзотични и атрактивни дестинации. Бројот на нашите претставништва надвор не е никаков доказ за ефициентноста на нашата дипломатија туку одраз на небазираната дипломатска мегаломанија.
МНР конечно треба да биде институција што креира надворешна политика, а не да биде трансмисија на информациите. Дипломатите конечно треба да заличат на својата фела со своето знаење и манири. Квазидомашната т.н. Дипломатска академија не даде резултати. Министерот Димитров мора да формира целосно нова систематизација на МНР, со посебно потенцирање на највисоките функции, да афирмира најнови технологии во заштита на информациите што ги добиваме и кои ги испраќаме. Треба да има на ум дека нашите амбасадори надвор не се атрактивни за разговори и контакти. Безбедносно се ранливи. Овдешните странски дипломати нема со кого да разговараат во МНР (освен со министерот). Валидни информации добиваат по друг пат. Дипломатите кај нас не се специјализираат за функциите што ќе ги извршуваат. Одат надвор како муви без глава. Сега се најавува и воведување во амбасадите на т.н. економски аташеи. Во повеќе прилики пишував за оваа небулоза, но и тука џабе кречам.
Објавено во „Слободен печат“