Шеху: Избирачкиот список не е идеален, но во него нема фантоми

86

Дитмире Шеху е потпретседателка и член на привремениот состав на Државната изборна комисија (ДИК), предложена од ДУИ. Во интервјуто за МИА таа вели дека работата на организација и спроведување на референдумот закажан за 30 септември се одвива според роковите и оти досега нема непредвидени ситуации. И Шеху, како и дел од нејзините колеги од ДИК, смета дека Избирачкиот список не е идеален, но оти во него нема фантоми.

За соработката меѓу членовите на ДИК рече дека досега е добра и оти сите работат согласно законот и Уставот на РМ. Политички влијанија вели дека нема.

На прашање како се одвиваат подготовките за организирање на есенскиот референдум закажан за 30 септември таа вели:

-Сега сме во рамките на роковите кои се предвидени со закон, немаме непредвидени ситуации. Сметам дека имаме доволно време за успешна реализација на референдумот предвиден да се одржи на 30 септември. ДИК го има усвоено Правилникот за работа каде се опфатени Изборниот закон и Законот за референдум и како што е познато, потребата за усвојување на Правилникот за работа се појави поради неусогласеноста помеѓу Изборниот закон и Законот за референдум. Новиот состав на ДИК го дефинираше и календарот на активности кои се неопходни за организирање на референдумот, ги имаме комплетирано изборните тела на локално ниво, во меѓувреме течеше и јавниот повик за верификација на податоците во Избирачкиот список за спроведување на референдумот. По завршување на јавниот увид ќе започне и едукација на изборните органи, како и подготовка на материјалот за денот на гласање. Ја имаме дефинирано веќе и агендата за референдумот која се состои од десет точки и потточки каде се опфатени сите детали за спроведување на референдумот. Укажуваме дека само запишаните во Избирачкиот список ќе можат да ја изразат својата волја за референдумското прашање.

Во јавноста имаше различни толкувања и дилеми во однос на одредени ситуации поврзани со референдумот, како на пример кој се може да води кампања за референдумот, дали се дозволени вработувања, какво треба да биде медиумското претставување итн. Од ДИК се бараше да излезе со свој став во однос на тие прашања и дилеми.

– Според член 12 од Законот за референдум, предлагачот ја води пропагандата од свои средства, во конкретниот случај тоа е Собранието на РМ. Што се однесува до вработувањата, овде не се работи за избори, туку станува збор за референдум кој се спроведува на државно ниво и мој личен став е дека вработувањата не влијаат на процесот на референдум.

Како ги коментирате изјавите од одредени експерти, но и пратеници дека пропагандата која што ќе се спроведува за референдумот на крајот ќе се сведе на кампања на политичките партии?

-Парламентот е законодавен дом кој е составен од пратеници кои се од политички партии. ДИК не е законодавен орган, ние само спроведуваме закони. Законот за референдум е многу јасен, предлагачот е овластен да води пропаганда со сопствени средства. Член 12 од Законот за референдум е многу јасен, ние не можеме да земеме од Изборниот законик член и да го наметнеме, затоа тоа не е направено ниту во Правилникот, значи тој е комплетно земен од Законот за референдум бидејќи тој е „лек специјалис“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...