Ексдиректорот на Бирото за јавна безбедност, обвинетиот Митко Чавков, во воведниот говор за судењето за крвавиот четврток, рече дека како директор, максимално професионално и со интегритет ги извршувал службените обврски.
– 30 години поминав во МВР. Немам прескокнато ниедно хиерархиско ниво. Бев министер во најголемата политичка криза. Се пензионирав како директор на БЈБ и завршив како обвинет за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбесноста – рече Чавков пред судот.
Повтори дека тој ја донел одлуката за воспоставување републички оперативен штаб и 8 регионални штабови и дека протестите од иницијативата ,,За заедничка Македонија” биле мирни, за што имало 59 потпишани записници.
– Донесена е наредба на дневна основа да се изготвуваат планови за проценка на ризик – рече Чавков и потенцира дека имал и проактивна и активна улога.
Чавков рече дека го предложил Бесир Дехари да раководи со оперативниот штаб поради мнозинството во Собранието кое го имала новата коалиција и евентуалното влијание, но министерот го назначил токму него.
– 27 април беше ден како и сите претходни денови. 60-ти ден за спроведување на акцијата – рече Чавков.
– По насилниот влез во Собранието, поради неодлучноста, пасивноста и збунетоста на раководителите на терен, лично јас во 19 часот ја презедов командата и телефонски ја координирав консолидацијата на полицијата – рече Чавков и додаде дека во меѓувреме отишол во штабот во МВР.
– Наредбата за примена на физичка сила и други средства за присилба и употреба на експлозивни средства, се дадени лично од мене и тоа го има во документите кои како докази ги приложивме – додаде тој.
– Жалам за неуспешноста на оперативниот одговор за време на влезот во Собранието – рече ексдиректорот на БЈБ./Макфакс