Европската унија би требало да го поедностави процесот на одлучување за прием на нови членки, така што не мора да постои едногласна одлука за секоја ситница, изјави еврокомесарот за проширување на ЕУ, Јоханес Хан за германскиот весник „Клајне цајтунг“.
Тој зборувајќи за проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан како пример го наведе фактот дека во претпристапниот процес потребна е едногласност за секој чекор.
– Додека некоја земја не стане членка, неопходни се околу 200 едногласни одлуки. Јасно е дека финалната одлука за прием на членки мора да биде донесена едногласно, но патот до таму не мора да биде поплочен со едногласни одлуки. Јас со моите луѓе поминувам една третина од свето време убедувајќи една или две земји-членки – истакна Хан.
Тој оцени дека стравот не е добар советник.
– Јасно е дека овие земји имаат европска перспектива, тоа е голем адут. Но, се смета и квалитетот на подготовката, а не брзината. Тоа значи развој на правна држава, економски развој. Ќе добиеме согласност од нашите граѓани (за проширување) само ако имаат чувство дека новата членка ги збогатува, а не ги оптпварува – наведе еврокомесарот за проширување на ЕУ.
Тој потсети дека Стратегијата за Западен Балкан јасно укажува дека нови членки можат да бидат примени само ако ги решат билатералните конфликти со соседите.
– Тоа веќе предизвика динамика, како што може да се види во решавањето на спорот за името помеѓу Поранешна Југословенска Република Македонија и Грција. Иле ќе извезуваме стабилност или ќе увезуваме нестабилност – рече Хан.