Сашо Мијалков, обвинет од Специјалното јавно обвинителство во случаите „Таргет“ и „Тврдина“, наскоро би можел да го добие пасошот назад, со образложение дека му е потребен за лекување во странство, дознава Плусинфо од судски извори.
Според нашите извори, се подготвува одлука на на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, да му биде вратен пасошот, што му беше одземен како мерка на претпазливост. Некои убедуваат дека тоа е речиси завршена работа.
Мерката на претпазливост „привремено одземање на патната исправа за преминување на државната граница и забрана за издавање на нова патна или друга исправа за преминување на државната граница“, како и мерката „обврска на обвинетиот еднаш неделно да се јавува кај надлежно службено лице во судот“, на Мијалков му беа изречени лани есента.
Сега, откако Апелацискиот суд Скопје ја прифати жалбата на Специјалното јавно обвинителство на одлуката на судијката Моника Бахчованска од Основниот суд Скопје 1, со која што поранешниот директор на УБК беше изземен од обвинението за случајот „Тортура“, Мијалков треба да одговара и за начинот на лишување од слобода на лидерот на Обединети за Македонија и поранешен министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски, на 6 јуни 2011 година, ден по предвремените парламентарни избори.
– Ако навистина се случи ваков преседан со пасошот на Мијалков, луѓето во Македонија дефинитивно ќе ја изгубат вербата дека правдата ќе ги стаса водечките луѓе од поранешниот режим. Да се надеваме дека Судот сепак нема да донесе таква скандалозна одлука – вели изворот на Плусинфо.