Неприфатлив е аргументот на ВМРО-ДПМНЕ дека парламентарната одлука за референдумот била нерегуларна и недемократска, затоа што била донесена без опозицијата. Некој од страна, со основните факти за Македонија во својата папка, со право ќе биде зачуден и ќе се сомнева во легитимитетот на таквата опозиција. Ќе постави прашања на кои одговорите се очигледни. Да, тоа е референдумот што се одржува за пет недели од сега и што ќе ја стави Македонија на брзата патека кон ЕУ и НАТО, кон пристоен и достоинствен живот, неменливост на границите, отвореност и мобилност, сигурност…
Да, тоа е истиот референдум што ВМРО-ДПМНЕ, сега во опозиција, го ветува две и пол децении, било да е на власт или во опозиција. И тоа е истата опозициска партија што го блокираше парламентот, а чии членови на парламентот се обвинети за тешки кривични дела поврзани со насилниот напад на парламентот на 27 април и обидите за убиство врз пратеници, новинари и партиски лидери.
Тоа е истата политичка партија што е повикана на лидерски средби, се мази и пази цело време, а не ѝ е местото на преговарачка (лидерска) маса. Бидејќи, лидерска средба подразбира на неа да има лидери. А лидери се храбри и мудри луѓе…
Тоа е партијата со чиј сегашен „лидер“, марионета на структурата под истрага, обвиненија и неколку пресуди за тежок криминал, глуми примадона на политичката сцена, а со кого преговара премиерот што со месеци носи трага на челото од обидот за негова ликвидација на тој 27 април.
Да, тоа е и партијата што со месеци калкулира и игра двојни-тројни улоги во јавноста и чија поддршка на референдумот сѐ уште е добредојдена (ако ме прашате мене – не е неопходна). И после, не била легитимна одлуката да се организира референдум, затоа што била донесена без присуство на опозицијата?! Хм, навистина чудна логика, најблаго кажано.
И на крајот, сосема извесно е дека тој лидер (марионета) ќе го поддржи референдумот, во последен миг и предоцна за да се поправат штетите од опструкциите. Многу веројатно е дека со тоа ќе ја заврши својата мисија барем делумно успешно: ќе извлече некакво ветување или гаранции од премиерот, а веројатно и од влијателните дипломати. Тоа што ќе го извлече, пак, ќе биде добивка само за мал број луѓе во најтесните кругови на бизнисот, криминалот и политиката во земјата, а кои се дел од ВМРО-ДПМНЕ и нивното злокобно опкружување.
Попуштањето и отстапките што ѝ се прават на оваа партија што глуми „несреќна и онеправдана“ опозиција, всушност, не им одат во прилог на членовите на таа партија, ниту на луѓето со десна политичка ориентација, а најмалку на Македонија. И повторно ќе се извлечат и тоа со извици на одобрување дека конечно покажале лидерски и патриотски капацитет. Изјавите на дипломатите се веќе напишани и испринтани, а „неутралците“ ќе здивнат, затоа што ВМРО-ДПМНЕ ќе вети дека ќе соработува, ќе биде конструктивна партија и дека нејзините солдати нема да ги фотографираат луѓето што ќе излезат на гласање. Што не мора да значи дека ветувањата ќе ги исполнат.