Сметам дека Договорот од Преспа и добар и фер, пишува професорката на Катедрата за меѓународни, европски и регионални студии на атинскиот факултет Пандио и поранешна европратеничка од ПАСОК, Марилена Копа, во нејзината колумна за весникот „Ефимерида тон сидактон“.
„Договорот става крај на 26-годишниот спор и ниту една страна не е поразена или понижена. И двете страни добиваат во областа што ја сметаат за важна, Грција името, кое ефективно го разделува делот – независната држава од целината, пошироката географска област на Македонија, која им припаѓа на три земји, додека ПЈРМ го доби идентитетот и јазикот“, пишува Копа и додава дека во интерес на Грција е да „не постои црна дупка на северната граница, оставена на руското и турското влијание, туку земјата да се интегрира во евро-атлантските институции“.
Професорката детално и опширно одговара на дел од прашањата што се поставуваат во грчката јавност во врска со Договорот меѓу Македонија и Грција, јавува дописничката на МИА од Атина.
„Како ќе се викаат сега жителите на грчката Македонија?“ е првото прашање што го поставува Копа и одговара дека нема да има никакви промени, тие и понатаму ќе се нарекуваат исто како и до сега, бидејќи „во Грција, терминот Македонец алудира на географско потекло, а не националност“. Таа вели дека кај нас, работите се поразлични.
„Еден географски термин, жител на Македонија, Македонец, постепено доби етнички карактеристики, со фактот дека во регионот што денес е ПЈРМ, словенските жители не сакаат да се идентификуваат ниту со Србите, ниту со Грците, ниту пак, во главно, со Бугарите. Така, врз основа на регионот каде што живееше оваа словенска група, која во основа сакаше да се разликува од останатите словенски националности во регионот, со текот на годините, стекна карактеристики на национална припадност“, објаснува професорката Копа во колумната.
Во однос на прашањето за македонска националност, професорката вели дека преговорите се однесувале на материјални прашања како што се името на државата и државјанството, а не на апстрактни теми.
„Постои правото на самоопределување и не можеме на никој да му кажеме да не се чувствува Македонец или нешто друго“, пишува професорката.
Во нејзината колумна, таа ги објаснува и предусловите за интеграција на Македонија во НАТО и ЕУ.
Овие ставови и позиции, професорката Марилена Копа ги пренесе на академската конференција, што минатиот месец, ја организираше Министерството за надворешни работи на Грција.