Судењето за „27 април“ продолжува со воведни зборови на одбраната

180

Со воведни говори на одбраната во Кривичниот суд во Скопје и денеска продолжува судењето за настаните во Собранието на Република Македонија од 27 април 2017 година.

Судскиот процес започна во средата кога воведен говор даде обвинителката Вилма Рускоска и адвокатите на дел од обвинетите, а продолжи вчера со воведни говори на адвокатите на поголем дел од обвинетите. Покрај за денеска, ново судско рочиште е закажано и за в понеделник.

Обвинителката Русковска во воведниот говор истакна дека има докази со кои ќе ги потврди наводите од обвинението за сторено кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок, а одбраната тврди дека не постојат докази кои укажуваат на тоа.

Вкупно обвинети се 33 лица од кои 31 за терористичко загрозување на уставниот поредок, а две за помагање. На обвинителната клупа се Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Митко Чавков, Митко Пешовски, Душко Лазаров, Горан Јошевски-Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Сашко Марковски, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен, Владо Јовановски, Игор Дурловски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Младен Додевски, Јане Ченто, Горанче Ангеловски, Игор Југ, Илија Славески, Влатко Трајков, Вилијам Михајловски, Никола Митревски-Кољо, Александар Василевски-Нинџа и Митре Питроповски.

Судијката Кацарска закажа вкупно 37 термини за главна расправа и претходно најави дека се очекува на денешното рочиште да завршат воведните говори на одбраната.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...