Милион и триста илјади евра или вкупно 80 милиони денари ќе легнат на сметката на Собранието на Република Македонија за финансирање на референдумската кампања. Ова е решението откако Законодавниот дом како главен иницијатор на референдумот официјално побара од Владата да му се обезбедат финансиски средства за да може да ја води кампањата, а право на тие пари ќе имаат сите пратеници кои ќе водат кампања „за“, „против“ или за бојкот на референдумот за промена на државното име и за интеграција на земјава во ЕУ и во НАТО.
Еднакво за сите
Како што е предвидено, вкупната сума ќе им се подели на сите 120 пратеници во Собранието, односно како што предвидува математичката формула, бројот на пратеници ќе треба да се подели со 120, а потоа да се помножи со 80 милиони денари. Па така, доколку, на пример, 70 пратеници се изјаснат „за“ референдумското прашање, тоа би значело дека бројот 70 ќе треба да се подели со 120 и така да се добие децималниот број 0,58, кој, пак, ќе треба да се помножи со 80 милиони денари и на тој начин да се добијат вкупно 46,4 милиони денари што би ги добиле пратениците што го поддржуваат референдумот. Оние пратеници, пак, кои нема да учествуваат и нема да го кажат својот јасен став околу референдумското прашање, тие ќе мора да се откажат од финансиите и тие пари да ги остават во буџетот.
Тоа би значело дека останатите пратеници, пред сè од редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, ќе треба најпрво да одлучат дали воопшто ќе водат кампања и за таа одлука да го известат Координативното собраниско тело за референдум предводено од спикерот Талат Џафери. Па така, за кампања „против“ референдумското прашање или за бојкот на референдумот, опозицијата ќе добие средства во зависност од бројот на пратениците, но оваа одлука не ги опфаќа вонпарламентарните партии, вклучувајќи ги и организациите кои се дел од кампањата „Македонија бојкотира“ предводена од лидерот на Единствена Македонија, Јанко Бачев.
Власта е спремна, опозицијата се мисли
На средбата меѓу координаторите на пратеничките групи и потпретседателите кај спикерот Талат Џафери, како и досега, не присуствуваше координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, но како што посочуваат од собраниската прес-служба, Џафери наскоро ќе исконтактира со пратеничката група на опозицијата за постигнување можен договор за водењето јавна пропаганда.
Од ВМРО-ДПМНЕ сè уште се немаат изјаснето дали ќе го повикаат членството да излезе да гласа „за“ или „против“, или, пак, да го бојкотира референдумот.
Лидерот на најголемата опозициска партија Христијан Мицкоски неколкупати досега изјави дека за оваа работа ќе одлучуваат највисоките органи на ВМРО-ДПМНЕ и дека на терен го испитуваат мислењето на граѓаните.
Што се однесува до парите, велат од партијата, потребен е ребаланс на буџетот.
Сепак, Министерството за финансии не мисли така и објаснува дека нема потреба од никаков ребаланс. Финансиите ќе бидат обезбедени од ставката „функции на државата“, додаваат од Министерството, која тежи вкупно 638.6 милиони евра, а ова според нив, претставува само мало пренаменување од 1.3 милиони евра.
Кога станува збор за кампањата што ќе ја води Владата, одлучено е да се направи пропаганда со цел да му се објасни на народот значењето на Договорот со Грција, како и добивките од влезот на Македонија во ЕУ и во НАТО. За оваа кампања Владата планира да издвои 6.500 евра од редовниот буџет на Генералниот секретаријат за комуникација преку социјалните медиуми, додека за соопштенијата, брифинзите, прес-конференциите, интервјуата и за гостувањата ќе бидат издвоени пари од редовните владини активности. Како што е наведено во владиното соопштение, планирани се и други активности како што се теренски посети, неформални средби, состаноци и учества на јавни настани.
Мартин Богатиноски, „Слободен печат“