Македонија нигде ја нема во референдумот

2428

Само така личи отстрана, но никаде не можам да ја видам Македонија во претстојниот референдум. Ова не е референдум за некаков договор со Грција, за некакви менувања на име, презиме, устав… Сите тие прашања се толку јасни, што треба да бидеш морончиште – паднато од трети спрат – на глава, да не го сфатиш. Сите граѓани, граѓанки, етноси, конфесии, професии, старо и младо, шуто и рогато, будало и паметно, сиромаси и богати… во Македонија, знаат од 1993-та година дека името МОРАМЕ да го мениме. Нели, нашето име не треба да биде ФИРОМ? Исто така, сите до еден знаат и знаеле дека меѓународно не е дозволено, „специјално да се грижиме“ за нашите малцинства во соседството, па дури и во уставот да им се закануваме на соседите дека „еден ден, кога ќе зајакнеме, ќе ви еб… матер, поради што вие порано…“

Сите знаат дека македонската историја е фабрикувана и само Бог знае што е лага, а што вистина, посебно кога постојат (а постојат од 1945–та, а и сега) специјални институции и здруженија, на кои тоа им е работа – да фалсификуваат историја. Или и понатаму ќе се правиме будали: комунистичката историја не чинела, а вемереовската и античката била вистинита. Самоил не трчал по бугарската круна, туку викал „Македонија не ја даваме“. Кутра Македонија, со вакви душегрижници, кои ја минираат со историски лаги ја направија како нужник на автобуска станица. Ја фекализираа историјата, го фекализираа умот, го фекализираа просторот.

Сите знаат – ама сите, дека нам не ни е битно што сме признаени под „уставно име“ од 140 држави, кога не сме признати од ЕУ и НАТО. Ние не сакаме да одиме ниту во Парагвај, ниту во Маурициус, туку токму во ЕУ и НАТО.

Па кога е токму, оти е „нетокму“?

Не е, оти ова не е референдум за Македонија. Неа во референдумот ја нема нигде. Сите референдумски прашања и одговори се јасни како ден и не требаше ниту да се пребројуваме за тоа. Одамна рековме, по сто и илјада пати повторивме и направивме национален „ЗАКОН НА УМОТ“, кој вели јасно: Да, ние сакаме во ЕУ и НАТО, оти ни е така побезбедно, побогато, посигурно, а и нашите деца се исселени во земјите од ЕУ и НАТО. Во ЕУ и НАТО нема да појдеме, ако не дозволи Грција – точка!!! За ова референдум ни требаше? Нашла невеста секира зад врата и Заев референдумско прашање, на кое е милион пати одговорено и сите милион пати било „ПОЗИТИВНО“. А попис? А предвремени избори? А реформи? А корупција? А промена на гласачкиот модел?

Ова е референдум за спас на Груевски, патриотите – убијци и за спас на цела една банда, на едно криминално здружение, кое започнува од писарот во судот и завршува со Претседателот на државата. Ова е референдум за спас на ВМРО–ДПМНЕ. Каква Македонија, какво име, какво презиме. Сѐ е тоа одговорено одамна. Ова е очаен обид на мафијата и нивните јатаци и помагачи да се спасат од политичка, морална и кривична одговорност. Заев влета во таа стапица, односно, беше натеран од криминалците да даде изјава дека „народот ќе решава“. Смешното е тоа што народот веќе имаше решено.

Шеќеринска ја чекавме да ни каже? Народот, барем преку бугарските пасоши, барем преку масовното иселување, јасно кажа дека сака да влезе во семејството на демократијата, сака да патува, да напредува, да се грижи за себе, дека им е доста од политички беди на шљам – кремот, од понатамошна дебилизација на државата, од фекализација на умот, од медиокритетство, од умирање во болниците, само поради некој дил на тоа криминалците… Јасно кажа дека ним им треба живот, а не гола пропаганда и моронска историја на самовеличење.

И за што имаме кампања? Дали да излеземе на референдум? Смешно. Дваесет и пет години цело општество излегува на референдум – секој ден и вели: Дајте живот. Заев понуди „живот“, но и референдум.

Да ви кажам, по мое, што е референдумот. Тој е „поле за перформанси“ на мафијата; огласен простор за професорската багра на Груевски; тезга за заработка на медиските инсталации на „фамилијата“; тоа е опело на криминализираната Црква за задржување на криминалот и повластиците; тоа е завера на разузнавањето против желбите на нацијата за ЕУ и НАТО; тоа е завера на одамна иселените против судбината на младите; тоа е циркус на најретроградното – против напредното, демократското и цивилизираното; тоа е пир на администрацијата против промените и реформите; тоа е симфонија на корумпираните и платениците против надежните и добронамерните…. Тоа е ВМРО – ДПМНЕ против сите нас, против иднината и сѐ она што можеме да бидеме.

Референдумот е само гола борба за власт – заради преживување на мафијата, во која Македонија ја нема во ниту една форма. Сега, сите ние нормалните, кои немаме путер на главата, кои мирно спиеме, оти не очекуваме да ни дојде полицијата на врата, кои сакаме да си ја работиме својата работа и кои немаме врска со тоа партиите и борбата за власт… мораме да го браниме референдумот, Заев и СДСМ, оти мафијата повторно ќе се врати на власт, со помош на парите и инсталациите на Груевски и фамилијата. Нели за тоа беа судовите?

Ама ни го начукавте…

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...