Кривична за Стевчо Јакимовски за „бесправно градење“

Наместо да спречува дивоградби, градоначалникот С.Ј. дозволил објектот на Општина Карпош каде што е сместена општинската администрација да се изгради без одобрение за градба и без соодветно архитектноско-урбанистичка документација, соопшти Управата за финансиска полиција.

1031

Кривична пријава за „бесправно градење“ против поранешниот градоначалник на општина Карпош Стевчо Јакимовски поднесе Управата за финансиска полиција.

„Наместо да спречува дивоградби, градоначалникот С.Ј. дозволил објектот на Општина Карпош каде што е сместена општинската администрација да се изгради без одобрение за градба и без соодветно архитектноско-урбанистичка документација“, соопшти Управата за финансиска полиција.

Пријава за „бесправно градење“ е поднесена и против Ј.К., надзорен инженер во Карапанчевски компани ДОЕЛ Скопје во својство на надзор и А.М., одговорно лице во правното лице АЛКОНПРОЕКТ ДООЕЛ Тетово во својство на изведувач поради постоење основање сомнение дека сториле кривично дело „бесправно градење“, како и против тие две правни лица.

Првопријавениот Јакимовски во својство на градоначалник на Карпош како инвеститор на изведување работи за „Демонтажа, дислокација и изградба на четврта и петта барака на бул. Партизански одреди бр. 68“ и „изведба на демонтирани и четврта и петта барака во рамки на урбанистичката парцела на ОУ „Лазо Трповски“, во тек на 2012 и 2013 година спротивно на членовите 56, 59 и 67 од Законот за градење без одобрение за градење и соодветна архитектонско-урбанистичка документација во име и за сметка на Општина Карпош изградил две бараки наменети за општинската администрација. Потоа, појаснува во соопштение Управата за финансиска полиција, поднел барање за легализација на двете бараки кое лично го потпишал иако согласно член 2 став 3 в.в. стр. 1 и 2 од Законот за постапување со бесправно изградени објекти бараките не можеле да бидат предмет на легализација затоа што се изградени по стапување во сила на Законот за легализација.

Ј.К., пак, во својство на надзорен инженер во Карапанчевски компани, ангажиран од општина Карпош за вршење стручен надзор, во тек на 2012 и 2013 година согласно член 36 од Законот за градење бил должен да врши проверка над изградбата дали е во согласност со основниот проект и одобрението за градење и да го запознае инвеститорот и надлежниот градежен инспектор за утврдените недостатоци или неправилности констатирани во тек на градбата и да ги забележи во градежниот дневник. Спротивно на Законот за градење надзорниот инженер вршел надзор над демонтажата и изградбата на општинските бараки без одобрение за градење, потпишал градежен дневник, градежна книга и времена ситуација, соопшти Управата за финансиска полиција.

Третопријавениот А.М., пак, како одговорен во изведувачот на работите АЛКОНПРОЕКТ ДООЕЛ Тетово во рамки на урбанистичката парцела на ОУ „Лазо Трповски“, ангажиран од Општина Карпош, согласно член 29 од Законот за градење бил должен да изведува градежни работи согласно со одобрението за градење, ревидираниот основен и изведбениот проект. Спротивно на Загонот за градење, укажува УПФ почнал со градежни активности на објектот без одобрение за градење и целосно ги изградил општинските бараки.

Од Управата за финансиска полиција посочуваат на член 50 од Законот за локална самоуправа според кој градоначалникот е претставник и застапник на Општината, раководи со општинската администрација и обезбедува правилно и законско користење, одржување и заштита на сопственоста на Општината во согласност со Закон и Статут. Според член 56 од Законот за градење, пак, изведувањето градби може да почне со издавање одобрение за градење правосилно во управна постапка, а градбите и деловите од градби издадени без одобрение за градење се бесправни градби. Согласно член 59 од Законот за градење, како што појаснува Управата, инвеститорот имал обврска писмено да го пријави почнувањето на градбата до надлежниот орган, градежната инспекција и инспекцијата на трудот пред почетокот на изградбата.

На 8-ми месецов Финансиската полиција покрена кривична пријава против Јакимовскки и за злоупотреба на службената положба и овластување, како и поради соизвршителство против четворица негови соработници. На предлог на Обвинителството, судот им изрече мерки на претпазливост со кои им е одземен пасошот и беа задолжени редовно да се пријавуваат во суд.

По изречените мерки од судот, Јакимовски изјави дека дека се работи за монтиран случај со цел да се дефокусира јавноста. Со пријавата за злоупотреба на службената положба и овластување Јакимовски и неговите соработници, според Основното јавно обвинителство, го оштетиле буџетот на Општина Карпош за 36.634.675 денари, овозможувајќи им да се стекнат со противправна имотна корист на правните лица АЛКОНПРОЕКТ ДООЕЛ Тетово во износ од 33.789.441 денар и С.М. Компани во износ од 2.845.234 денари.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...