Битолските училишта должат околу 4,6 милиони евра

119

Средните и основните училишта, чиј основач е општина Битола имаат вкупни долгови од над 285 милиони денари (околу 4,6 милиони евра), а од нив 122,8 милиони денари се долгови кон надворешни доверители, вршители на разни услуги за училиштата.

На средбата со новинарите, градоначалникот на Битола, Наташа Петровска и секретарот на општината Слободан Најдовски, информираа дека долговите на училиштата секојдневно се зголемуваат поради затезните камати, извршни решенија и други финансиски проблеми.

Од општина Битола потврдија дека две средни училишта и осум основни училишта се со блокирани сметки, средното медицинско училиште „Јован Калаузи“ должи околу 35 милиони денари, основното училиште „Крсте П. Мисирков“ должи 39 милиони денари, а со високи долгови кои се движат од 16 до 30 милиони денари се и основните училишта „Александар Турунџев“, „Гоце Делчев“, „Елпида Караманди“, „Климент Охридски“ и „Коле Канински“.

Првите луѓе на битолската локална самоуправа на новинарскиот брифинг посочија дека деновиве се посветени на надминување на проблемите со неплатени сметки за потрошена електрична енергија кои училиштата во градот не ги плаќале од месец април 2017 година, со што во овој момент вкупниот долг на училиштата кон ЕВН-Македонија изнесува 6,5 милиони денари, од нив 5,3 милиони денари должат основните и 1,2 милиони денари средните училишта.

– Не е само општина Битола која се соочува со проблеми и со долгови во областа на образованието, има и други општини. Формирана е и работна група во рамки на Владата, во која и јас членувам. Преземаме активности долговите да се подмират, но сѐ уште немаме конечен резултат – изјави министерот за образование и наука Арбер Адеми по пуштањето во употреба на две фотолволтаични централи на Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје (ФЕИТ).

– Во овој момент најважно е да се потенцира дека ние сме во редовна комуникација со ЗЕЛС и со градоначалниците каде има долгови во делот на образованието, а ги има повеќе. Ние ќе ги преземеме сите обврски кои ни следат како ресорно министерство –  рече Адеми одговарајќи на новинарско прашање за битолските училишта кои се без струја и додаде дека разговараат и со ЕВН Македонија.

Министерот за образование и наука информира дека е во тек тендерот за набавка на мебел за ученичките и студентските домови и за училиштата кои веќе се определени во јавната набавка. Постапката е во тек и, како што рече, привршуваат инвестициските работи за ученичкиот дом „Гоце Делчев“.

Прашан за верскиот обред и приватна прослава кои се одржале во училиште во општина Гази Баба, министерот Адеми рече дека не дале одобрение и оти за случајот се информирале преку медиумите.

– Образовните институции не можат да служат и за приватни забави. Ќе ги преземеме сите мерки кои се во наша надлежност – рече Адеми.

Тој посочи дека откако ќе се утврди реалната состојба, дали имало согласност, дозвола или каков било акт од некого потоа ќе ја известат јавноста.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...