КУЛТУРА НА МОЛКОТ (3)
Има едно (речиси единствено) оправдување кое што често сум го слушал од колеги, пријатели – членови на различни професионални здруженија, за нивната повеќегодишна зачмаеност и молк за состојбите во културата во Македонија. А тоа е: а што ако каже(в)ме, и така никој не нѐ слуша! И тоа е најлошото, најкукавичкото оправдување за нечинењето, за молкот, за препуштањето на стихијата која што, видовме, можеше сите до еден да нѐ збрише и да воспостави „унитарна“ строго контролирана партиска култура и уметност. Тоа всушност и не е оправдување, тоа е повеќе само-оправдување, некакво бедно алиби за повеќегодишната пасивност, утешение грешним, што се вели, или жалопојка наменета за ушите на нивните деца, семејството. Иако, за волја на вистината, и таа флоскула ми се чини поприфатлива од она другоно, она на оној трубачон на „воениот вмровски оркестар за погреби и свадби“ и нему слични, а кои до вчера слугуваа во сите можни (не)работни тела на режимот, ама денес велат дека оставиле трага. Па се разбира, како што веќе напишав, секакви сурати оставаа(т) траги на земјава, ама какви?
И гадинките оставаат траги, гадни; дури и стаорците се гледаат себеси важни и големи во глувчешко опкружување. Тие лекции веќе ги научивме. Но, токму за тие и такви траги врз телото на македонските култура и уметност мора да се огласува македонскиот јавен збор, ако не за минатото тогаш барем за сегашноста: за актуелните состојби во културата и уметноста, за тековната продукција, за напластените проблеми и можните решенија. Само критичкиот збор, јавен и гласен, може да иницира промени во однесувањето на секоја власт (во политичка смисла) и на македонската уметничка сцена (во творечка смисла). Инаку, ако сѐ поминува како што поминува(ше), македонските култура и уметност целосно ќе се разлеат низ провинциските меѓи така добро устроени од претходниот режим.
Од друга страна, и за волја на вистината, има доза точност во она „оправдување“ од почетокот. Тоа можам и лично да го потврдам со свои примери, но и со редица други, не многу, додуша, јавни критички гласови во неколку области (особено во филмот, на пример, па архитектурата, делумно во ликовната уметност и др.) кои со јавниот збор не успеаа ама баш ништо да сменат, дури ни лоша запирка во процесите во македонската култура и уметност. Но, базичниот проблем во тогашната констелација беше што тој вид на јавен збор беше – осамен! Не дека не беше/беа чуен/и / прочитан/и, напротив, но политичко криминалната буица маскирана како култура и уметност беше пресилна, вировите предлабоки, зборовите обесхрабрувачки останаа да висат за некои подобри времиња. А тие, изгледа, никако да дојдат!
Но сепак, ако за тие времиња можеме да говориме во минато свршено време – или, некој не се согласува? – тогаш зошто проблемот е и денес актуелен? Зошто молкот продолжува како ништо во оваа држава да не се сменило, особено не во културата? Зашто, ќе признете, само последниот пример со смената на директорот на БЈБ под притисок на јавното мислење говори за радикално поинаква (да не речам демократизирана) клима. Ако оваа власт, се покажа, сепак го слуша критичкиот глас на јавноста дури и за такви важни партиско политички позиции, зошто би била глува за аргументирани критики и во културата? Или ние само така сакаме да мислиме, повторно како оправдување?
Затоа, уште еднаш, секој од наша страна игнориран проблем или пак перцепиран само низ призмата на личната комоција и комфорот на нечинењето, резултира во уште еден шамар за македонската култура и уметност. Шамар што навистина немаме причини да го игнорираме, заради себе си но и заради помладите генерации. Зашто токму тие се првите жртви на теророт на провинцијалците, на нивната простотија и злоупотребата на општествените позиции. Или, ако сакате, како го примаат нејзините студенти отвореното кочијашко пцуење (на Фејсбук) на една наша „позната“ професорка, која што, патем, уште ги дели луѓето на оние од „комуњарско / социјалдемократски происход“, и некои други? И на која што веќе со години нема кој од званичните универзитетски органи да ѝ застане на патот.
Та толку ли е таа креатура битна за образовниот процес на оној и онаков Филозофски факултет? Или најновиот хит на (во првиот текст) спомнатион „професор“ со „три децениско уметничко бреме зад себе“ – инаку „професорот“ е тотално неписмен! – и кој си ја нарекува некогашната студентка „апашка“, „крадачка“, бара таа да се откаже од нејзиниот најавен перформанс зашто (наводно) му го украла неговото „дело во намера“ од пред којзнае колку години! И шутракот тоа го прави јавно, токму на славниот Фејсбук, резервирајќи ја неговата идеја за „дело во намера“ (небаре е во средниот век!) како негов животен творечки влог за некои идни времиња. И пцуе се’ живо и диво, се заканува дури со суд итн. А никој од надлежните на Факултетот за ликовни уметности не реагира, не го фаќа за уши и исфрла од образовниот процес дури и да е целосно во право – а не е, шутракот нема појма во кое време живее! – не реагира ни УКИМ, ни ректор, ни проректор, ни декан ни продекан или кој се’ на тие наши „факултети“ има некакви ингеренции. Но, што е уште полошо, не реагира ни уметничката критика, ниту македонската уметничка заедница – ако воопшто кај нас постои нешто такво – а најмалку професионалните уметнички и/или критички здруженија. Впрочем, неписмениов „професор“, инаку неодминлив во сите комисии каде што треба нешто да добијат негови колеги / пријатели, не прв пат се кара со некогашни студенти, им држи „естетски“ лекции на отворена сцена, ги омаловажува итн. И не може ли дури ни Министерството за образование да се заинтересира за вакви случаи? Или тоа се коси со веќе извиканата автономија на Универзитетот, зашто таа, автономијата, претпоставувам дека би требало да се користи за други нешта а не за слобода за навреди на студенти, колеги и слично?!
Оттука, кога Тричковски, во еден негов постар текст, вели дека „без радикална ревизија (…) нема ништо, (…) ни Култура, ни Општество, ни Нација, ни Држава“, тоа не го прави случајно, ниту пак тоа е некаква пригодна флоскула за некакво неопходно (и, во крајна линија, можеби последно можно) демократско освестување во државава. Кажаното, по сѐ што видовме, се покажува како императив за преживување на демократијата на овие простори. А јавниот критички збор е дел токму од посакувана ревизија и, нормално, од таа демократија! И мора да се негува. Ако Владата, велат, ќе подели авторски хонорари во износ од 500.000 евра за „нешто“, дел од тие пари не можат ли да бидат и за стимулирање на критичкиот збор во културата и уметноста во оваа држава? Не знаат како тоа да го направат? Нека се јават. Или нешто друго им се гледа поважно во моментов?
(преземено од Теодосиевски уметност)