Десетпати зголемен процентот на деца со диоптер

Лекарите предупредуваат дека ваквата навика што се создава кај децата лошо влијае врз нивното здравје. Како пример, посочуваат дека сè поголем е бројот на мали деца што имаат офталмолошки проблеми.

207

Голем број родители на своите деца, уште од најрана возраст, уште непроодени, им купуваат телефони, со кои тие поминуваат многу време. Така децата, наместо да си играат на улица, си играат на интернет. Ова се случува кога родителите, поради презафатеност, немаат доволно време да им посветат на своите деца, па погрешно се обидуваат да го компензираат тоа со мобилни телефони и таблети. Но има и такви што слободното време го минуваат со своите малечки во кафулиња, но и таму им ги даваат телефоните за да си играат и да бидат мирни додека тие го пијат кафето со пријателите.

Лекарите предупредуваат дека ваквата навика што се создава кај децата лошо влијае врз нивното здравје. Како пример, посочуваат дека сè поголем е бројот на мали деца што имаат офталмолошки проблеми.

– За жал, точно е дека голем број деца уште од мали нозе играат игри на интернет, стануваат зависни и потоа тоа им се одразува на видот. А децата сами не можат да си купат таква играчка. Најмалиот пациент со откриен диоптер ни е 11месечно бебе со многу голем диоптер, но тука игра улога и генетската предиспозиција. Имавме еден проект по градинките, со кој опфативме околу илјада деца од  претшколска возраст во Кавадарци, Неготино и во Росоман, од 3 до 6 години. На мала возраст, ретки се родителите што ги носат децата на офталмолошки преглед. За жал, кај десет до дваесет проценти од децата забележавме проблеми со видот и диоптријата. Тоа е страшно загрижувачка бројка, за разлика од порано, кога имаше еден до два отсто деца со проблеми со видот на таа возраст. Пред педесет години, тој процент бил и под еден отсто. Откако ги регистриравме  со скринингот, децата со проблеми во видот ги упативме на дополнителни иследувања – вели доктор Марија Нанева, специјалист офталмолог во Општа болница Кавадарци.

Биле евидентирани и деца со многу висок диоптер. Таквите случаи биле препратени на клиника.

– Родителите ја поздравија акцијата за откривање проблеми со видот кај децата. За многумина ова беше очекувано и не беа изненадени и шокирани, но имаше и шокираност. Најавија дека ќе го намалат времето што нивните деца го поминуваат на интернет – нагласува Нанева за „Слободен печат.

Интересно е што во руралните средини, како во росоманската градинка на пример, бил многу мал процентот на деца со офталмолошки проблеми. Само кај два отсто од децата биле регистрирани проблеми.

Нанева додава дека бенигната школска миопија од минатото,  сега станала вистинска прогресивна миопија. Порано бројот на пациенти деца бил многу мал, а сега повеќе од 50 проценти од пациентите биле деца.

На сите родители таа им препорачува да ги тргнат децата од прекумерното седење пред компјутер и што е можно повеќе време да поминуваат во игра надвор.
Во новата училишна година, проектот ќе продолжи кај училишните деца.

Објавено во „Слободен печат“

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...