Кои соработници и за какви авторски дела ќе добијат пари од колачот вреден 500.000 евра на Генералниот секретаријат на Владата, за кој вчера пишувавме, ја прашавме Владата. Оттаму добивме штури информации за тоа дека станува збор за различни видови ангажмани.
– Се работи за различни видови ангажмани регулирани со авторски договори, во кои спаѓаат ангажманите на надворешните соработници и советници во органите и телата во рамките на Владата на Република Македонија и ангажмани поврзани со еднократни услуги за потребите на Владата – одговорија од Службата за односи со јавноста на Владата.
Оттаму, како што пишувавме, потенцираа дека целиот износ од 500.000 евра, предвиден за една година, не мора да се искористи.
– Станува збор за рамковен договор, кој ние како договорен орган го задржуваме правото да не го исполниме вредносно во целост. Договорот е јавно објавен на Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН), согласно со законските одредби – одговорија од Владата.
На Електронскиот систем за јавни набавки е објавен договорот што е склучен на 30 јули со Агенцијата за интелектуална сопственост „Артпицк“, а според кој рамковниот износ од 500.000 ги содржи бруто-надоместоците на авторските аранжмани и цената на услугата на агенцијата.
Како што е наведено во јавната набавка, авторските договори ќе се склучуваат сукцесивно, според потреба.
„Предмет на договорот за јавни набавки е набавка на услуги од авторска агенција за: подготовка на авторски договори, договори на дело (повремено вршење услуги и работи), издавање фактури за исплата на авторски надоместоци, исплата на авторски надоместоци, соодветни услуги во врска со прописите за авторско право и даноците од авторско право, обезбедување авторизации за објавување дела на странски автори во Република Македонија, трансфер на средства на автори и носители на авторско право во странство и обратно и други услуги од авторска агенција“, пишува во тендерската документација.
Весна Дамчевска, „Слободен печат“