Албанци

Неразбирањето на процесите во општеството и политиката на дел од луѓето кои си дозволуваат да настапуваат во име на Албанките и Албанците, им нанесува штети на меѓуетничките односи во земјата.

1011

Референдумот за Спогодбата меѓу Македонија и Грција мора да се одвои од сите други теми. Се работи за историски чин што ги надминува сите мандати на сите влади и институции, ги надминува идеологиите (ако ги имаат) на политичките партии, ги надминува односите меѓу Македонците и Албанците и нивниот однос кон „другите“ етнички заедници, како што тие милуваат да ги наречат. Ова е процес во кој се засегнати граѓанките и граѓаните. Точка.

Затоа се апсурдни сите натегања околу која било тема во врска со референдумот, особено етничките прашања. Тоа ги прави дополнително утнати и сите екстремисти што дивеат низ медиумите и социјалните мрежи деновиве. Македонија имаше шанса да одржи еден процес со историски размери, чисто и непоматено, достоинствено и радосно. За жал, таа шанса ја пропуштивме поради политиканти, криминалци и мразачи (што не мора да значи дека се во спрега). Притисокот и мешањето во внатрешните работи на Македонија од страна на Кремљ и криминалните мотиви на ВМРО-ДПМНЕ и други на домашен терен го извалкаа овој процес.

Устав, леб, млеко и ванилин шеќер…

Во јавноста осамнаа и гласовите на политичари и интелектуалци Албанци што мислат дека сега е моментот да ги повторат своите замисли за тоа како треба да изгледа Македонија низ нивната етно-призма. Дел од нив се наивни жртви на руско-вмровските манипулации, а дел се непоправливи националисти. Тезите се дека Албанците немаат ништо од Спогодбата меѓу Заев и Ципрас. Притоа, тие се убедени дека, кога веќе се отвора Уставот, во пакет треба да одат уставни промени што се однесуваат на Албанците, на двојазичноста, на државотворноста, на правичната застапеност итн. Отприлика, како кога ги праќаат децата по леб и млеко, им нарачуваат да купат и кесичка ванилин шеќер. Или, со други зборови, Референдумот можеби е придобивка за сите, но истовремено е само шанса за дополнителен ќар, заснован на сосема поинакви политички агенди. Тоа е, благо кажано, себично. Принципиелно е прашањето: зошто Албанците мора да имаат нешто екстра од Спогодбата меѓу Македонија и Грција? Македонски националист би рекол: Албанците секогаш бараат нешто екстра. Таа позиција е грда и има потенцијал за поделби и тензии, но и Албанците треба да се замислат дали можеби го хранат тој став.

Сите заедно, не сфаќаат дека уредувањето на статусот на Албанците, колку и да е тоа неопходно или непотребно, оправдано или неоправдано – нема врска со референдумот. Тајмингот на ваквите иницијативи е погрешен, а адресите на кои се обраќаат се целосно утнати.

Албанците што работат за Кремљ

Овие барања во официјална или полуофицијална форма му се упатуваат на премиерот Заев. Дел од нив искажуваат недоверба кон ДУИ и кон другите политички партии на Албанците, па велат дека овој проблем треба да го реши Заев и никој друг. Не разбираат (или не сакаат да разберат) дека правата и слободите што ги бараат веќе се гарантираат со Уставот и законите, се однесуваат на сите граѓанки и граѓани. Точно е и тоа дека човековите права секојдневно се кршат по разни основи и дека сите се жртви на дискриминација. И дека Македонци, Роми, Срби, Турци и други се дискриминираат во средини каде што Албанците се во мнозинство. Што со тоа?! Нели, според Уставот, сите се еднакви…

Можеби Албанците имаат право да тврдат дека се мета на дискриминација во институциите повеќе отколку другите, но тоа е проблем на владеењето на правото, а не на формулации во Уставот. А во институциите има и Албанци од кои токму Албанците најмногу се жалат. Што, пак, со тоа?! Ако веќе зборуваме за дискриминација, Ромите се најдискриминирана заедница, а нив ги дискриминираат сите што се во институциите, вклучувајќи ги и претставниците на нивната заедница.

Но, тоа не им е важно ниту на Албанците, ниту на Македонците што работат за Кремљ…

Македонија не е апсолутистичка монархија

Можеби би било можно предреферендумските барања на Албанците и да се исполнат на тој начин, но под еден услов: да живееме во времето на Отоманската империја, а Заев да е султан. Дури и во тие услови, не е сосема извесно дека султанот би имал толку неограничена политичка моќ, па би се посоветувал со своите везири и други моќни фигури во империјата.

Во 21 век, во парламентарна демократија (а не монархија), Заев е само дел од системот, а расправата околу тие прашања се води во јавноста, а се одлучува во парламент. И, секако, надвор од прашањата кои се однесуваат на референдумот, во поинаков процес, кога за тоа би имало услови.

Неразбирањето на процесите во општеството и политиката на дел од луѓето кои си дозволуваат да настапуваат во име на Албанките и Албанците, им нанесува штети на меѓуетничките односи во земјата. Подеднакво како и штетите што ги предизвикуваа екстремистите што ги негуваше режимот на Груевски, а таа „традиција“ ја продолжува Мицкоски и неговите трабанти. Сите тие ги прават претпазливи и ги радикализираат дури и оние за кои ни оддалеку не може да се каже дека се националисти, без оглед на тоа од која заедница се.

И, да не заборавиме, ваквите тенденции се плодна почва за деструктивните криминално-политички структури (странски и домашни) на кои правата на Македонците, Албанците или на било која друга заедница не им значат ништо. Напротив.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...