Заев го честита Курбан Бајрам

75

Премиерот Зоран Заев испрати писмо со честитки по повод празникот Курбан Бајрам до сите верници со исламска вероисповед во Република Македонија.

Во писмото упатено преку претседателот на Исламската верска заедница, господин Реис Ул Улема, Хаџи Сулејман Ефенди Реџепи, и до членовите на Ријасетот на ИВЗ, премиерот Заев, соопшти владината служба за информирање, на сите припадници на исламската верска заедница им посакува среќни празнични денови, со срдечни желби празникот да помине во благослов, во добро расположение и во добро здравје.

– На сите припадници на Исламот Курбан Бајрам да им донесе мир, спокој и бериќет. Овој голем празник нé потсетува дека добрината треба да биде наша водилка. Нé потсетува дека во животот зад нас треба да оставиме длабоки траги на добрина кон сите во општеството и кон оние на кои им е најпотребна нашата помош. Деновите на Курбан Бајрам се денови кога се потсетуваме на вредностите што празникот ги слави и возвишува, како што е помагањето и солидарноста со пријателите, со соседите, со сите коишто се околу нас, се посочува во писмото со честитки.

Празникот Курбан Бајрам порачува и да ја негуваме добрината кон другиот, добрината кон различните. Тоа е порака водилка и за сите нас граѓаните на Република Македонија за да продолжиме заеднички да ја зајакнуваме нашата општествена заедница како едно општество за сите, како единствен пат кој води до наш заеднички дом, во кој секој граѓанин има еднакви услови за живот, среќа и реализација на сопствените амбиции“, истакнува во честитката Заев, со желби за многу радост, духовен мир и топлина во домовите на сите припадници на исламската вера во овие празнични денови на Курбан Бајрам.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...