ДИК ги формира избирачките одбори за гласање на дијаспората

94

Државната изборна комисија (ДИК) денеска на седница избра членови за избирачките одбори (ИО) во Дипломатско-конзуларните претставништва (ДКП) и конзуларните канцеларии на Република Македонија во странство.

Во одлуката што беше донесена на седницата се наведува дека членовите на ИО во ДКП-та ќе бидат со мандат само за гласањето на референдумот што надвор од Македонија ќе се спроведе на 29 септември.

Избирачките одбори во ДКП-та имаат тројца членови и тројца заменици – членови, а претседателот и заменик претседателот се бираа од редот на амбасадорите и вработените во амбасадите или конзуларните канцеларии. Другите испразнети места беа пополнети од редот на вработените во државната и јавната администрација.

– За да се рационализираат трошоците се користат сите постоечки ресурси на Министерството за надворешни работи во нашите ДКП-а, се со цел да ги оформиме ИО. Ова нема да биде конечен избор бидејќи многу од тие ДКП-а нема да се организира гласање на референдумот доколку не се исполни условот од минимум десет гласачи. Сметам дека ќе успееме да ги намалиме уште повеќе трошоците за гласање во дијаспората – рече претседателот на Комисијата Оливер Дерковски.

Денеска се бираат членови на вкупно 50-те ДКП, но гласањето ќе се спроведе само онаму каде што ќе има над 10 пријавени до 23 август на полноќ кога завршува можноста за пријавување на иселениците за гласање на референдумот.

Според информациите од ДИК, досега во 15 ДКП-а нема пријавено доволен број иселеници за гласање на референдумот.

На изборот на членови на ИО во ДКП -та присуствуваше и државниот секретар во Министерството за надворешни работи Виктор Димовски.

До денеска до пладне до ДИК има пристигнато 1.459 пријави од дијаспората за изјаснување на референдумот, од кои 1.431 се прифатени, а најмногу има во Берн, Љубљана, Лондон, Виена,…

Доколку некој од македонските иселеници се пријави да гласа во ДКП-та ако допатува во Македонија на 30 септември нема да може да гласа на референдумот.

На 23 август на полноќ исто така истекува и рокот за јавен увид во Избирачкиот список за референдумот. До вчера во подрачните канцеларии на ДИК увид во Избирачкиот список направиле 3.541 граѓанин, решенија за бришење од Избирачки список се донесени за 123 лица, а за промена на податоци за 10.

Членот на ДИК Јанакие Витановски рече дека увидот се одвива непречено и без проблеми и повторно апелираше до граѓаните да ги проверат своите податоци во Избирачкиот список до среда на полноќ во подрачните канцеларии на ДИК и на веб-страната на Комисијата.

Седницата на самиот почеток ја напушти членот предложен од Беса Енвер Салихи кој рече дека не бил информиран навремено за одржување на ова заседание на ДИК.

Претседателот на Комисијата Оливер Дерковски, пак, кажа дека во петокот било разговарано за одржување на оваа седница. Тој исто така рече и дека потпретседателката на Комисијата Дитмире Шеху го најавила и го оправдала своето денешно отсуство од седницата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...