Шекеринска: Парите за референдумот се од средствата за поддршка на НАТО

88

Ниту еден денар од парите наменети за Армијата на Република Македонија не е опфатен со измената, односно со одвоените 60 милиони денари од Министерството за одбрана за кампања за референдумот, одговори денеска министерката Радмила Шекеринска на обвинувањата на Синдикатот на одбраната за наводно „скратени пари“ од МО и АРМ.

– Се работи за средстава кои беа насочени кон активност во поддршка на нашата интеграција во НАТО, но кои не беа во делот на логистика нуту потреби на Армијата на Република Македонија – истакна Шекеринска и додаде дека нечесно е други луѓе да ги врзуваат едното со другото.

Таа ги коментираше и обвинувањата дека состојбата во Армијата не е, како што рече, розoва, но нагласи дека тоа е резултат на 10-годишното занемарување и неинвестирање во АРМ.

– Најавената набавка на инженериски машини и неборбени возила кои почнаа во август, е најдобар демант дека ниту еден денар од парите наменети за АРМ нема да биде потрошен за други намени – истакна министерката Шекеринска.

Таа ги демантираше и обвинувањата дека Министерството нема обезбедено превоз за војниците кои патуваат до своите работни места и дека не им се исплаќаат ноќните дежурства. Министерката појасни дека од 45 релации дефинирани од Генералшатабот за превоз на војниците само за пет не се поминати јавните набавки, бидејќи била понудена поголема сума од онаа која ја била одредена од ГШ на АРМ.

Министерката информираше дека од први јули оваа година е променет и правилникот кој повеќе години на војниците не им овозможувал да добијат пари за ноќниот труд, туку добивале слободни денови. Сега, како што рече Шекеринска, за секој припадник на АРМ кој ќе се упати на повеќе од еднодневно дежурство, ќе му се исплати дневница и нема да добие слободен ден.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...