Владата ќе подели хонорари од 500.000 евра

Како што е наведено во јавната набавка, Генералниот секретаријат на Владата не мора да ги потроши сите 500.000 евра, а авторските договори ќе се склучуваат сукцесивно, според потреба.

1447
Генералниот секретаријат на Владата планира на разни автори да им исплати 500.000 евра за една година. На 30 јули е склучен договор за јавна набавка со Агенцијата за интелектуална сопственост „Артпицк“, а според договорот, во износот се содржани бруто-надоместоци на авторски аранжмани и цената на услугата на авторската агенција.

Како што е наведено во јавната набавка, Генералниот секретаријат на Владата не мора да ги потроши сите 500.000 евра, а авторските договори ќе се склучуваат сукцесивно, според потреба.

„Предмет на договорот за јавни набавки е набавка на услуги од авторска агенција за: подготовка на авторски договори, договори на дело (повремено вршење услуги и работи), издавање фактури за исплата на авторски надоместоци, исплата на авторски надоместоци, соодветни услуги во врска со прописите за авторско право и даноците од авторско право, обезбедување авторизации за објавување дела на странски автори во Република Македонија, трансфер на средства на автори и носители на авторско право во странство и обратно и други услуги од авторска агенција“, пишува во тендерската документација.

Цената на услугата на секој поединечен договор преку Агенцијата изнесува 0,01 процент – надоместок за авторската агенција сметано на износот на бруто-надоместокот во согласност со поединечниот склучен договор со авторот. Така барем пишува во договорот. Но, во тој случат за цела работа, доколку се реализираат авторски договори за сите 500.000 евра, авторската агенција би требало да си наплати само 50 евра!

Според договорот, Владата се обврзува плаќањето да го изврши по доставувањето на фактурата од страна на Агенцијата, а по добивање извештај од авторот за извршена услуга, согласно со поединечниот договор склучен со авторот. Ако навреме не ги извршува обврските, „Артпицк“ ќе плаќа казна од 0,5 отсто од секој договор.

„Договорниот орган нема обврска да ја реализира целата вредност, односно да ги набавува сите наведени услуги во техничката спецификација. Вредноста на договорот ќе се реализира во зависност од бројот на авторите што договорниот орган ќе има потреба да ги ангажира преку авторската агенција. Овој договор е за најмногу една година“, пишува во тендерот.

Потписник на договорот во име на Владата е генералниот секретар Драги Рашковски, а во име на Агенцијата „Артпицк“ е управителката Сузана Настовска. Ова не првпат Владата да соработува со оваа агенција. Нејзините услуги се користени и во минатите години.

Весна Дамчевска, „Слободен печат“

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...