Јанакиески му наредил на сегашниот шеф на ДИК да направи измама со Рада Шеќерова

1559

И гласот на Оливер Дерковски, сегашниот претседател на ДИК, го има во „бомбите“ што се пуштаа денеска во судница во рамки на предметот „Титаник“.

Два дена пред изборите во 2011 година Дерковски добил инструкции од поранешниот министер за транспорт, сега обвинет, Миле Јанакиески да се залепат плакати за сателитската партија СДПМ за да се збунат гласачите на СДСМ. Тоа е партијата која на секои избори излегува со листи со имиња слични на имињата на кандидатите од СДСМ за да ги збуни гласачите, како што беа Рада Шеќерова, Зоран Зашев, Игор Ивановски и Јанис Макрис.

Во еден од разговорите од 30 мај 2011 година, Јанакиески, му вели на Дерковски, кој тогаш бил директор на МЖ „Транспорт“, дека ќе добијат материјали и насоки за денот на гласањето.

– Нашите до 9 да гласаат. До 10 да гласаат пријатели и роднини, до 12 сите вработени, а потоа неопределените – му вели Јанакиески на Дерковски и од него бара листа со конкретни активности за денот на гласањето.

За овој предмет има поднесено 5.910 материјални докази и предложено 191 сведок.

Во денешните бомби се слушнаа и разговори во кои Јанакиески на полициски командир во Радовиш му дава насоки за комуникација со граѓаните од врата до врата. Тој во еден од разговорите со соговорник вели дека во 4 ИЕ ВМРО-ДПМНЕ мора да освои 12 пратеници и дека мора 50 партиски приврзаници да одат од врата на врата кај граѓаните.

Во една од „бомбите“ се слуша како Јанакиески му кажува на градоначалникот на Валандово да му забрани на некој професор по физичко воспитување до изборите да оди на работа.

– Не можел да оди од врата до врата. Имал работа. Да му се јавиш до избори да не оди на работа. Валандово да не го гледа – вели Јанакиески.

Во овој предмет обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски и поранешните функционери Мартин Протуѓер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања во 2012 година.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...