Граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“ денеска одржа протест на сртот на Водно против изградбата на гасоводот.
Поддржувачите на иницијативата порачаа дека битката за Водно сѐ уште не е изгубена и изложија големо платно со натпис „Не низ Водно“ на кое беа прикачени пораки за заштита на парк шумата.
– Во јавноста се говори дека битката за Водно е изгубена, дека гасоводната траса мора да оди низ овој дел од парк шумата. Тука сме да порачаме дека таа битка сѐ уште не е изгубена и да докажеме дека здравјето на граѓаните на Скопје е пред битката за профитот, односно од тој наводен бенефит од гасоводот. Не сме против гасификација, туку бараме тој да минува низ северната страна на Водно – рече Андреа Јанков од иницијативата „Го сакам Водно“
Според него, овој гасовод не е за Скопје, туку за Тетово и Гостивар, бидејќи Скопје веќе 20 години има гасовод, но нема терцијална и секундарна мрежа. Тој појасни дека мрежа немаат ниту Тетово и Гостивар и посочи дека додека се проектира мрежата има време да се најде и нова траса низ која ќе минува гасоводот.
Од Владата, пак, порано посочија дека остануваат на планот градежните работи за гасоводот да се одвиваат по јужната страна на планината, но со изменета траса, со што, велат, ќе се намали уништеното зеленило.