или
КУЛТУРА НА МОЛКОТ (2)
Ние ја негуваме културата на молкот како егзотично и скапо растение, како јапонските цреши на Коцета од 2.000 евра (во Италија ги продаваат за 5.000 денари!), како којзнае каков подарок од Севишниот. Впрочем, ги негуваме и културата на кичот, на кукавичлакот (само на зборови сме смели и херои!), на културата „незамери се“, на потценување на сѐ што барем малку влече кон вистинска култура, образование, наука, воспитување, добро однесување. И ваквото наше однесување веќе ги надмина и потенцијалните генерациски бариери – „вградено“ им е денес на сите генерации, од најмлади до најстари. Или, можеби, сето тоа веќе било вградено во нас/нив како вид генетска грешка, некаков ген-мутант што токму сега се активира?
Не знам, и не ми е баш жал за мојата генерација, која досега веќе требаше да даде кандидати за претседател на држава, за премиер, за министри, за академици (колку да им покаже на простацине во ману – малите букви се одраз на моралот и капацитетите на оваа „институција“ – дека би можело и поинаку!), па ни за помладите генерации, ама децава ем родени во оваа вукојебина ем плус воспитувани на апсолутните културни и демократски маргини на Европа, а врз практицираните „вредности“ на културата на молкот, културата на кичот и остала малограѓанска збирштина помали и поголеми „култури“, е тие се осудени на пропаст. Освен, ако Големиот брат Интернет не заврши некоја работа. Ама и тоа тешко веројатно. И крајно индивидуално. Децава и на Интернет го бараат она што го гледаат во опкружувањето – дома, в училиште, на улица, на плоштад „Македонија“, по „националнине“ телевизии!
Како и да е, ама, оваа држава наследила некаква културна инфраструктура, каде некакво специфично, да не речам посебно место (треба да) имаат оние таканаречени професионални односно струкови здруженија/асоцијациии во сите области. А една од нивните главни задачи е да бидат стручен, професионален и пред сѐ гласен коректив на власта, на секоја власт. И да промовираат стручност и професионалност, особено негувајќи го критичкото мислење. Ако е така, а така е, нели е крајно време ова општество да стави црта и да ги сумира резултатите, да се запраша каков бенефит добива(ло) од нив? И добива ли нешто, воопшто? Зашто, не само што ги наследила, туку и денес беневолентно ги сервисира нивните „стручни“ потреби, колку-толку (членарини, материјални трошоци, проекти, годишни собранија и слично), па следствено, нели, конечно некој треба да се запраша за што навистина ги дава тие средства? Зашто, ако тие не ја хранат културата (и уметноста) со идеи, предлози, проекти, стратегии, со критичка мисла за актуелното македонско творештво и состојбите во културата, тогаш која е нивната денешна улога? Или, ако имате, на пример, еден Македонски ИКОМ (што во превод му доаѓа Меѓународен комитет за музеи односно негова „филијала“ во Македонија) ама во праксата во музејската дејност дивееше кој како стигне, особено пуфлана и онаа довчерашна културна мафија која што отвораше нови „музеи“ како ќе ѝ текне, а старите или ги пљачкосуваше или ги полнеше со смет преку епохални акции од типот „чистење на ѓубрето од ателјеата на жморонските уметници и негово складирање во националните музеи“, а оние од ИКОМ ни да гукнат – тогаш, извинете, каква фајда од нив? Или ако имате Македонска АИКА (што во превод значи македонска „филијала“ на Меѓународната асоцијација на ликовни критичари) ама во државава никој не пишува ликовна критика, а таа иста држава издвојува тешки милиони за секакви будалаштини што некои ни ги презентираат низ македонските галерии и музеи, тогаш нели е опортуно човек да праша: а за што тогаш ни служи таа АИКА?
Дури, ако сакате, како таа иста АИКА толку години не се запраша како се делат буџетските средства во нејзината дејност, и како, и зошто парите односно проектите беа резервирани само послушните и партиските членови? Да, и овде можам, можеби и треба, да ги наведам сите т.н. претседатели на оваа важна асоцијација во изминативе петнаесеттина години, ама – што фајда? Ќе смени тоа нешто? Или, ако кажам дека во 2007 година, во полниот напон на жморонската стравовлада, една креатура, едно од оние многуте „сметала“ на Паскота Кузман во тоа време, на еден состанок хистеризираше да ме исклучат од таа и таква смирисана АИКА само поради фактот што легално и процедурално сум побарал ревизија на некои одлуки? А тогашниот „претседател“, и сегашен (сѐ уште) главен манекен на непрежалениот ни МСУ, и не само тој туку и сите останати членови, не смееа уста да отворат?
Оттука, дали културата на молкот почна во таа 2007 година, кога се виде дека нема рамнотежа на идеолошките опции, дека поединецот мора да се приклонува кон политички (поточно политикантски!) варијанти за да преживее бидејќи стручно, и професионално – не може? Дали тогаш започна политичкиот диктат во културата, токму преку партиските креатури во здруженијата, загушувајќи го секој јавен збор? Можеби, веројатно, иако некој ќе каже дека тоа е прилично лабава теза односно дека кај нас тоа ни е константна состојба! Ама не е, сепак, односно до 2007 не беше така! (За волја на вистината, само еден член на тогашната АИКА, многу години подоцна, со конкретни забелешки на нејзината работа, побара да биде избришан од членството на таа професионална организација. И за тоа заслужува признание!).
Или, да продолжам, кога веќе имате едно здружение што се нарекува ДЛУМ (во превод Друштво на македонски ликовни уметници, со славно минато и трагикомична сегашност), зарем не е логично токму тоа да иницира(ло) јавни дебати за состојбите во ликовната уметност, за отсуството на критичкиот збор и неодржливоста на таквата ситуација? Или да проговореше за десетиците јавно познати случаи во изминатата деценија кога токму нивни членови беа шиканирани од онаа некултурна банда во културата, а беа форсирани не само аматери туку буквално и (партиски) дилетанти во уметноста со доделување на огромни пари за „изложби“, за монографии, предлагани за највисоки државни награди итн. Ама не, тие од власта дури добиваа пари да увезуваат „познати“ ликовни критичари од странство да им ги селектираат изложбите. Та затоа и изложбите им личат како од пред триесетина години, ако не и повеќе! А тоа дури ни на АИКА не и пречеше, да бидат така простачки прескокнувани во сопствената земја! Или, на пример, некој од тој ДЛУМ уста да отвореше за „славното“ ни „Скопје 2014“ и „ремек делата“ што ни ги подарија нивни колеги?
Или она неодминливо таканаречено ДПМ (Друштво на писателите на Македонија) кое успеа да премолчи – и премолчува, сѐ уште, цврсто и пионерски непоколебливо – сѐ што можеше да се премолчи за состојбите во македонската литература и издаваштво, па дури и оние фантомски тиражи во подруми и магацини на македонските културни институции? Или да прашаа што по ѓаволите се случи со македонските литературни списанија, со литературната критика, со општиот криминален амбиент во македонското издаваштво?
Се разбира, списокот на нашиве „стручни“ здруженија, сите до едно закачени на државното виме, не завршува само со овие. Напротив, ги има уште многу, ама резултатот по правило е ист: речиси сите до едно дејствуваат по ист терк и според познатите македонски закони на молкот! Иако, за волја на вистината, а бидејќи го спомнав шизоидното „Скопје 2014“, ААМ (Асоцијацијата на архитекти на Македонија) и неколкумина нејзини членови беа, покрај друга поголема група интелектуалци, единствените стручни / компетентни лица кои се осмелија да критички да говорат против уништувањето на архитектонското наследство на главниот град. Иако останатата архитектурна багра, меѓу кои и „видни“ професори на Архитектонскиот факултет, релаксирано (и добро платено) си ја (ис)туркаа работата.
Оттука, ќе го оцени ли некој, некогаш (освен историјата, се разбира) степенот на инволвираноста на овие професионални асоцијации во сите некултурни процеси во оваа држава во изминативе два-тринаесет години, обемот на штетите што ги направија со секојдневното надоградување на културата на молкот и нечинењето? Која и каква е тогаш вистинската општествена оправданост за постоењето на такви молчаливи манекенски „стручни“ здруженија? И ако, како што тврдиме, целата култура е подложена на преиспитување и реформи, тогаш што со овие, денес и во иднина? Зашто, ако тие постојат само за да се бават со себеси односно со некои и некакви таинствени лични / колегијални релации, а јавноста од нивното делување добива една голема нула, што тогаш? Иако кај нас сите се нешти фини, кој воопшто сака да оценува, нели, и да се бави со такви непријатни прашања? Или зошто, по ѓаволите, кога, велат некои, сите с(м)е во истото мочуриште? Е па – не с(м)е. Или, не би требало да бидеме зашто ако и во културата и уметноста, исто како и во политиката, сите се гледаат како исти / еднакви, независно од работата, квалитетите, постигнувањата … тогаш е подобро целосно да ги укинеме категориите култура и уметност.
Во ваков „систем“, тие губат секаква смисла. А ако тоа некој не го гледа, или не сака да го види, тогаш – нема помош! Ќе си останеме некаква провинцијална култура на аплаузи и лајкови на Фејсбук, ќе одгледуваме/стимулираме – материјално и духовно – стотици и стотици пезевенковци кои мислат дека се уметници, писатели, режисери, актери … зашто нема кој спротивното да им го каже јавно и в лице. И сите среќни и задоволни!
(преземено од Теодосиевски уметност)