Превработеноста во јавниот сектор со години е критикувана, но и покрај тоа, трендот на нови вработувања не престанува. Јавна тајна е дека во некои институции има толкав број вработени што нема простор каде да се сместат, но истовремено, многупати е повторено дека за многу работни места недостасува кадар. Нема доволно медицински сестри, лекари, негувателки во градинки, софтверски инженери, инспектори…
Од секојдневните огласи за вработување може да се види дека се бараат нови работници од сите позиции – од хигиеничарки до инженери и универзитетски професори. Во моментов има нови вработувања во 4 основни училишта, еден факултет, во две општини, во Министерството за здравство се бара советник за евроинтеграции, по две нови вработувања има во Музејот на Град Скопје и во Дирекцијата за заштита и спасување, дури 14 работни места има отворено во Министерството за земјоделство за разни советници и соработници, 3 нови вработувања има во Министерството за образование, во Министерството за одбрана се бара раководител на одделение за недвижности…
Не 5.950 нови вработувања, туку 3.078
Бројните вработувања, за сè и сешто, се мета на критики на јавноста и на опозицијата. ВМРО-ДПМНЕ пресмета дека од почетокот на годинава имало 4.500 вработувања на определено време и 450 на неопределено, односно вкупно 5.950 нови вработувања.
Од Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА), пак, за „Слободен печат“ изјавија дека точната бројка е 3.078 нови вработувања во државната и во јавната администрација. Но, притоа, оттаму потенцираа дека истовремено поради разни причини од работа си заминале 12.335 вработени, односно многу повеќе отколку што се примени.
– Од тие што си заминаа, на околу 4.000 работници им престанал работниот однос затоа што тие биле ангажирани на одредено време, дел сами си заминале од работа, дел се пензионирале, а 511 добиле отказ – велат од Министерството.
Според МИОА, од вкупниот број на нови вработувања во јавниот сектор, во редовен работен однос годинава се примени 191 работник, а на определено време 2.887 работници. Таму признаваат дека дел од плановите за вработувања на буџетските институции се одобрени по законскиот рок – 10 мај 2017 година, за вработувањата во оваа година.
– Поради смената на власта во јуни 2017 година, многу институции немаа доставено планови за вработување. По рокот 10 мај, пристигнаа 639 планови, а позитивно одговоривме на 417 – велат од МИОА.
Министерство за финансии: Не се мешаме во вработувањата
Министерството за финансии, кое јавно беше прозвано од ВМРО-ДПМНЕ да даде отчет за издадените дозволи за нови вработувања, за „Слободен печат“ изјави дека тие не се мешаат во политиките за нови вработувања на институциите, туку само следат дали во нивните буџети има пари за нови вработувања.
– Министерството реално не знае колку нови лекари се потребни, или каков кадар недостасува во некоја институција. Министерството за финансии дава, или не дава согласност за нови вработувања, врз основа на барањата од други институции или министерства. Притоа, за Министерството за финансии е важно дали во одредена институција има предвидено пари за нови вработувања. Но, кога се носи државниот буџет и кога до ова министерството стигнуваат предлози од другите министерства и институции за нивните буџети, имаме право и обврска, ако така оцениме, да кажеме дека не постои можност за некој паричен износ што некоја институција го предвидува за нови вработувања – вели Јована Аврамовска, портпаролка на Министерството за финансии.
Според податоците за крајот од 2017 година, во 1.299 институции во Македонија има вработено 128.077 работници, а ако на оваа бројка се додадат и вработените во државните претпријатија тогаш „армијата“ на државни вработувања брои 139.009 работници.
Весна Дамчевска, „Слободен печат“