Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азаски очекува брзо донесување на законските решенија кои ќе им помогнат на компаниите.
Вицепремиерот Кочо Анѓушев денеска најави дека Закон за финансиска поддршка на инвеститорите и Програмата за поддршка на компаниите за периодот 2018 -20120 година деновиве ќе се најде пред пратениците и ги повика опозициските пратеници да дадат свој придонес во неговото подобрување.
-Законот ќе биде донесен како што налагаат процедурите преку комисиска расправа во Собрнаието и со 61 глас на пратениците. Ги повикувам и пратениците од опозицијата да земат учество во донесувањето на овој закон за да може да се подобри неговата содржина –изјави Анѓушев по средбата со бизнисмените во Стопанската комора од кои ги слушна последните забелешки пред утврдување на конечниот текст на законот.
Тој ги повика компаниите да се инвестираат зашто во буџетот се издвоени 46 отсто повеќе пари од до сега кои треба да завршат во бизнисите, а не на маркентинг и промоции.
На средбата присуствуваше и министерот за економија Крешник Бектеши
Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азаски, како што рече, очекува брзо донесување на ова законско решение, оти компаниите долго го чекаат.
-Долги години го бараме ова како бизнис заедница и очекуваме овие документи да станат оперативни многу брзо. Побаравме и опозицијата да не го кочи нивното донесување во Собранието бидејќи имаат финансиски импликации за компаниите.Апелираме и медиумите да создадат клима овие документи побрзо да се донесат. Ние ќе дадеме и максимум тоа да се случи оти како што слушнавме денеска 8.000 компании ќе имаат бенефит од овие мерки – изјави претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески.
Според него, примената на мерките на Владата се поклопува со период во кој ниту еден од секторите во економијата нема проблеми, веќе се готови и завршните сметки на компаниите и се обезбедени финансиските средства во буџетот.
Азески рече дека е задоволен што за прв пат основен критериум е доброто работење на компаниите, оти како што рече, тие можат да го забрзаат развојот на економијата.
-Очекуваме овие документи да бидат брзо донесени и затоа што како бизнис заедница подготвуваме нови барања кои исто така очекуваме да бидат прифатени и да не бидат одлагани – рече Азески.
На бизнисмените сега им е јасно, рече Азески дека и другите компании ќе бидат помогнати од државата преку прогамата за поддршка на иновациите.