АРМ годинава унапреди девет жени, по долго време има и жена полковник

226

Девет жени во Армијата на Република Македонија оваа година добија унапредувања, а по долго време една припадничка на женскиот пол беше промовирана во чин полковник.

Три припаднички на понежниот пол беа унапредени во чин потполковник, една во мајор, две во чин капетан и две во повисоки подофицерски чинови.

Во воените сили, кои се грижат за безбедноста на граѓаните на земјава има вкупно 903 офицери, од кои 124 се жени, односно 13,7 отсто. Од вкупно 1.610 подофицери, 179 се жени, што е 11,06 отсто.

Министерската за одбрана Радмила Шекеринска во разговор за МИА вели дека Министерството за одбрана ја промовира родовата застапеност и во хоризонтала и во вертикала и додава дека секоја од унапредените припаднички на АРМ потполно ги исполниле условите за унапредување и покажале дека тоа не е недостижно за жени.

– Ми беше посебно задоволство што во првата година на мојот мандат ја добивме првата жена-пилот во армијата. Најголемиот предизвик е да се зголеми интересот за воената професија меѓу жените и да се промовира родовата застапеност. Затоа е важно што годинава зад нас успеавме да постигнеме рекордни 50 проценти застапеност на жени кај примените питомци во Воената академија. Со тоа се разбива досегашниот стереотип дека војската е машка професија. Нашиот став е дека воената служба не е исклучиво машка професија и она што дефинира добар војник е дисциплината, знаењето, посветеноста и истрајноста, а не полот. Се стремиме тоа да биде валутата за успех во рамките на Армијата на Република Македонија – нагласува министерката за одбрана Шекеринска, која е прва жена на чело на Министерството за одбрана.

Таа вели дека за неа е предизвик да биде на оваа позиција и изразува гордост поради тоа што Македонија за време на нејзиниот мандат ја доби долгоочекуваната покана за членство.

– Република Македонија прв пат има жена на чело на Министерството за одбрана. За мене тоа е предизвик, но не ми е првпат да учествувам во кршење на табуата и т.н „стаклен плафон“. Мојата цел е да бидам најдобар министер за одбрана и да ги постигнам резултатите кои граѓаните ги очекуваат од мене. Горда сум што токму во мојот мандат успеавме да ја обезбедивме НАТО поканата за Македонија. Горда сум што ги донесовме двата клучни стратегиски документи во одбраната, кои моите претходници-мажи ги одлагаа. Горда сум што жена успеа да се избори за повеќе средства за одбраната и десет процентно зголемување на сите плати во АРМ – истакнува Шекеринска во разговор за МИА.

Таа нагласува дека стереотипите и предрасудите не се уриваат со зборови туку со дела и резултати.

– За жал, во ова општество ние жените мораме многу повеќе да се докажуваме од мажите. Зборовите на Маргарет Тачер секогаш се покажуваат точни: „Доколку сакаш нешто да биде кажано, остави му го тоа на маж. Доколку сакаш нешто да биде сработено, остави го тоа на жена“ – додава Шекеринска.

Министерството за одбрана интензивирано работи на родовата еднаквост во неговите структури, што всушност треба да се случува и на ниво на сите државни органи, откако Македонија конечно ја ратификува Истанбулската конвенција.

Шекеринска потенцира дека родовата еднаквост е важна не само за жените, туку и за државата. Сите истражувања (Светска банка, Европскиот институт за родова еднаквост и други), додава таа, докажуваат дека постои директна корелација помеѓу родовата еднаквост и економскиот раст и развој на едно општество. Повеќе шанси и простор за жените значи и поголем економски раст и поправедно општество. Родовата еднаквост е важна и во одбраната и тоа го истакнуваат документите на ООН, но и НАТО.

Во доменот на одбраната, клучен документ е резолуцијата 1325 од 31 октомври 2000 година на Советот за безбедност на ОН. Во оваа резолуција јасно се дефинира улогата на жената во разрешувањето на конфликти, мировните преговори и процеси, мировните мисии и хуманитарните одговори. Резолуцијата ја потенцира важноста за подеднакво учество на жените за зачувување на безбедноста и одбраната. Министерството за одбрана активно учествуваше во изготвувањето на Националниот акциски план за жените, мирот и безбедноста (2018-2022) за имплементација на Резолуцијата на ОН 1325.

Шекеринска додава дека во духот на Резолуцијата на ОН 1325, во рамки на Министерството за одбрана беше формирана работна група од експерти која изработи Упатство односно интерна процедура за заштита од вознемирување на вработените во Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија.

Во врска со активностите за спречување на дискриминацијата по род и пол, министерката истакнува дека постои механизам за превенција на овие негативни појави, како и систем за справување со инциденти од овој каратер и санкции за чинителите.

Целта не е јас како жена да ги истакнам овие проблеми во текот на мојот мандат, туку да се создадат услови за континуитет во поглед на родовата застапеност и родовите перспективи во Армијата на Република Македонија – нагласува министерката за одбрана Радмила Шекеринска во разговор за МИА. 

Ана Цветковска

Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...