Стопанска комора: Политиката да ги остави компаниите сами да се борат на пазарот

Потребно е да се остави простор приватниот сектор во Република Македонија да се развива преку континуирано унапредување на својата конкурентност, продуктивност и иновативност, велат од Комората.

233

Стопанската комора на Македонија оцени дека влијанието на политиката и политичките случувања врз економијата во земјата изминатите години било големо и смета дека компаниите треба да се остават да се пробиваат на пазарот единствено врз основа на квалитетот и конкурентноста на цените на нивните производи.

– Бизнис-заедницата во изминатите години констатира дека влијанието на политиката е големо и политичките случувања и одлуки оставаат големи траги врз и онака кревката македонска економија. Постигнатиот економски раст, со неговата структура, односно со структурните дисбаланси кои ги има, не ги обезбедува основните претпоставки за забрзан и стабилен одржлив развој. Едни од главните причини за ова се негативната просечна годишна стапка на БДП во изминатите три децении и трендот на деиндустријализација на економијата кој се бележи во истиот период, односно промената на пазарната состојба од производствена кон услужна дејност изразена преку процентуалното учество во БДП – наведуваат од Стопанската комора на Македонија.

Поради наведените причини, како што посочуваат, потребно е да се остави простор приватниот сектор во Република Македонија да се развива преку континуирано унапредување на својата конкурентност, продуктивност и иновативност.

– Потребно е компаниите да се пробиваат на пазарот единствено врз основа на квалитетот на нивните производи и конкурентноста на понудените цени – сите претпоставки и шпекулации во спротивна насока можат да предизвикаат сериозни штетни последици за конкурентноста на македонската економија на глобалните пазари. Македонската економија се стреми кон остварување на добрите европски практики и интегрирање на слободниот пазар, и истото може да биде направено единствено доколку се создадат реални услови приватниот сектор да работи независно од дневно-политичките случувања – оценуваат од оваа комора.

Стопанската комора на Македонија укажува на потребата доследно да се почитува законската регулатива во насока на оневозможување на какви било сомнителни ситуации, и на потребата доколку постојат сомневања, истите да се изнесуваат пред надлежните државни органи, со цел да бидат спроведени сите потребни дејствија во насока на нивно расчистување, без да се обременува јавноста, а и работењето на целиот приватен сектор.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...