Доцни платата за јули за просветните работници, тврди Независниот синдикат за образование и наука-НСОН.
На прес конференција пре Министерството за образование, претседателот на синдикатот Томислав Гиевски рече дека во образованието не се почитува Законот за работни односи, според кој 15-ти во месецот е крајниот рок да се исплати плата за претходниот месец.
Тој, како што рече, се сомнева оти и во понеделник на 20-ти август просветните работници ќе ја добијат платата.
Од синдикатот бараат одговор од Министерството за образование и наука и општините зошто се деградираат работниците во образовниот сектор. Велат дека немаат дополнителни хонорари и надоместоци, па за нив платата, за која сметаат дека ниска и под просекот, претставува единствената егзистенција.
– Непристојно е за земја која има претензии да стане членка на Европската Унија, работниците да молат да ја добијат нивната чесно заработена плата – рече Гиевски.