Калина Буневска Исаковска: Има малку следбеници кои ја сакаат квалитетната литература

Нашите читатели, доколку се одлучиле да читаат електронски книги, тогаш, верувајте, нарачуваат само e-books. Но сепак, плаќањето преку платежна картичка или paypal е сè уште непопуларно кај нас. Обично, преку нашата страница купуваат нашите иселеници во странство и странци.

398

„Доколку некоја издавачка куќа одлучи да објави петпарачко романче за плажа – тоа е веќе политика на куќата и лесна заработка. Ама, ако се одлучи за квалитетна литература, тогаш имате малку следбеници кои едноставно ја сакаат квалитетната литература што ја објавувате. И бараат уште!“

Повод за нашиот разговор со Калина Буневска Исаковска, сопственичка на културната установа „Блесок“ е јубилејната, 20-годишнина од основањето на „Блесок“. Оттука го почнуваме разговорот, кој понатаму го водиме за актуелноста на е-книгите во Македонија, за трендот на побарувачка на детска литература, како и за трендот меѓу македонските писатели да пишуваат за деца, за предизвиците на издавачката куќа која оваа борбена жена успешно ја води и по смртта на нејзиниот сопруг, основачот на „Блесок“, познатиот поет Игор Исаковски.

Во јубилејната 20-годишна работа на „Блесок“, кои се денешните предизвици?

– Тешко е да се зборува за тоа кои се предизвиците на една културна установа како „Блесок“ што досега направи многу работи што ги засенија балканските, а за некои работи дури и европските држави во претходниве 20 години. Првото нешто беше електронското издание на списанието „Блесок“ – литература и други уметности (www.blesok.mk) што слави 20 години, а второто нешто е што беше претходник на продажба на електронски книги, многу порано од другите соседни земји. Значи, зборуваме за e-books, не за пдф фајлови. Тука веќе треба да се споменат и цедињата „Мапа“ и „Бабилонија“ кои беа фантастични проекти во времето кога излегоа. „Бабилонија“, на пример, излезе во 2004 година, и на еден CD-ROM имате 35 различни јазици, 80 автори, 130 книги, 138 минути музика и 10.000 страници текст.

Како предизвик, да, можеби една работа на која сега работиме, новата веб страница, не само на изгледот, туку и, можеби, мало проширување на страницата, но за тоа дури откако ќе биде пуштена во „етер“. Наскоро ќе излезе новиот број, 120-от, а за сите новини ќе треба повторно да разговараме. Меѓутоа, ако зборуваме за приоритети, „Блесок“ секогаш ги има тие кои одат само со современата и квалитетната литература и уметност, никако поинаку.

Тешко ли е да се води издавачка куќа во мала земја со не така бројна читателска публика? Кои се, всушност, најтешките моменти во оваа работа?

– Е тука веќе зборуваме за приоритети на една издавачка куќа! Доколку некоја издавачка куќа одлучи да објави петпарачко романче за плажа – тоа е веќе политика на куќата и лесна заработка, а ова се однесува и за спа центрите во зимски период. Ама, ако се одлучи за квалитетна литература, тогаш имате малку следбеници кои едноставно ја сакаат квалитетната литература што ја објавувате. И бараат уште!

Кои принципи твојот сопруг, Исаковски, ги постави од кои и денес не отстапуваш?

– Игор Исаковски е основачот на „Блесок“, беше повеќе од писател, беше иноватор на сè што досега постои. Неговиот принцип беше секогаш отвореност, ширење и размена на информации во областа на литературата и на сите други уметности. Затоа и „Блесок“ останува на тоа дека секогаш ќе биде достапен и бесплатен и на македонски и на англиски јазик.

Колку феноменот на е-книгите е актуелен меѓу Македонците?

– „Блесок“ има над 500 електронски книги на сајтот (www.blesok-shop.mk) со цена од 61 денар, а некои од нив се и бесплатни. Нашите читатели, доколку се одлучиле да читаат електронски книги, тогаш, верувајте, нарачуваат само e-books. Но сепак, плаќањето преку платежна картичка или paypal е сè уште непопуларно кај нас. Обично, преку нашата страница купуваат нашите иселеници во странство и странци. Исто така, многу читатели ми имаат кажано – печатената книга си е таа што ќе ја почувствувам во раце, ќе ја помирисам, ќе сакам да си ја гледам на полица и да ја допрам и читам повторно! И тоа го почитувам. Но повторно ќе кажам, тие кои еднаш ќе купат електронска книга, потоа редовно нарачуваат.

Што е пресудно при изборот за еден ракопис да влезе во печат?

– Се знае, квалитетот е пресуден. Биле понудувани ракописи кои почнувале одлично, но како одел понатаму целиот ракопис попуштил, бидејќи писателот тежнеел кон што поголем број на страници. Важно е ракописот да е свеж, нов, да тече убав приказ со одредени проблематики кои се актуелни и нема граници во смисла на било кои предрасуди.

Во последно време, повеќе издавачки куќи ја проширија понудата и со книги за деца. Во пораст ли е побарувачката?

– Детската литература е во пораст, и со преводи на книги и детски книги од македонски автори. И тоа е за голем поздрав. Но треба многу да се внимава. Од деца и млади – нема поголеми критичари. Тие мораат да дочитаат само лектири, но доколку одбраната книга за читање не е добра – оди во ѓубре, верувајте.

Побарувачката колку што имам информации од неколку книжарници е зголемена. Посебно е зголемен интересот за нови книги од македонски автори. Но јас тука не би можела да зборувам, бидејќи „Блесок“ има само електронска книжарница, а децата или помладите, нормално, не купуваат со платежни картички. Исто така и моите деца. Тие влегуваат во книжарница и си купуваат тоа што сакаат да го прочитаат. Јас сум пресреќна кога другарите и другарките на моите ќерки ми се обраќаат со молба да им дадам нови книги во наше издание. Нормално, во вакви ситуации „Блесок“ не ги продава книгите, туку ги подарува. Со најголема љубов ги давам зашто знам, дека кога наредниот пат ќе се сретнеме, ќе се зборува за книгата или книгите! Мислам дека нема поголема сатисфакција за еден издавач да има таква читателска публика.

Што мислиш за промените во листата на лектири за деца од училишна возраст?

– Не успеав да ја прелистам целосно програмата којашто ја објави Министерството за образование. Видов дека има промени. Претпоставувам дека на тој избор работеле стручни лица. Ме радува што книгата „Белиот кловн“ од Дамир Милош е ставена како изборна лектира за 9-то одделение. Таа е всушност, првата детска книга која излезе во едицијата за деца и млади на „Блесок“, наречена „Бушавко“.

Што читаат твоите ќерки?

– На ова прашање тешко можам да одговорам. Кај децата зависи од возраста, нели. Меѓутоа се многу пребирливи. Ме радува тоа што сè уште кај нив постои интерес за читање. На пример, лани, за Нова година, нарачаа пакетчиња со книги и сите книги ги „всисаа“ за зимскиот распуст. Но, откако ќе ги прочитаат, инсистираат да ги објавам на македонски. Е, тешко е да се објасни што сè треба за да се објави книга.

Има неколку книги кои се одлични, а кои поради насловите, се проблематични и одбивни за возрасните. На пример, „Како да станеш и останеш глупав“ од Јасминка Петровиќ, книга која ќе ве насмее до солзи. Јас, иако родител, на пример, веднаш би се залетала по таа книга. Но, многу од возрасните не би го прифатиле овој наслов, плашејќи се како ќе влијае книгата врз нивните деца. Доколку не го разбудите детето во себе, ниту ќе бидете добар писател за деца, ниту добар преведувач ниту родител кој би се осмелил да дозволи една таква книга да биде прочитана од вашето дете.

А кои книги ги прочитале, па по нив прошло подолг период да не можат да се нафатат да читаат друга, а се прочитуваат уште неколку пати. „Белиот кловн“, „Мојата славна другарка“, „Летото кога научив да летам“. Се разбира, има и други, но за овие три сè уште зборуваат, иако постарата порасна. Сега ја чита Румена Бужаровска, Лејла Каламуиќ, а на ред ѝ е Петар Андоновски.

За крај, да ни препорачаш по некоја книга од „Блесок“ за летниве денови, без разлика дали сме дома или на плажа.

– Ха-ха. Јас не читам на плажа во лето, ниту ако помислам да одам во спа центар во зима. Речиси цело време „се давам“ со ќерките во вода или собираме камчиња или правиме сè што не е поврзано со читање. Ама, ги поддржувам сите што читаат, нормално, ги разбирам сите кои едвај се дограбуваат до некое слободно време за да читаат, а не им е работата поврзана со книги. За мене, читањето книга значи целосно внесување и тотална изолација.

Можам да препорачам: Доколку сакате да се насмеете, ја препорачувам збирката на умотворби, како што ја нарече нашиот прерано починат Огнен Чемерски, „Статусот на нашето време“ од Милан Дамјановски. За повозрасните деца, книгата „Летото кога научив да летам“, од Јасминка Петровиќ, а за малите „бушавчиња“ „Мојот чичо Автобусчија“, од Ема Понграшиќ.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...