Државниот инспекторат за земјоделството одзеде вкупно 73 рибарски мрежи и 370 парчиња белвица, поради прекршување на Законот за Државен инспекторат и на Законот за рибарство и аквакултура.
Во вторникот инспектори извршиле вонредна контрола на потегот над селата Калишта и Радожда.
„При тоа во водите на Охридското Езеро кај Калишта во различни правци од риболовната вода биле затекнати 13 лица распоредени во 7 кајчиња, кои што се движеле и поседувале недозволен риболовен алат (висечи, летечи-лебдечки) мрежи. Од водите на Охридско Езеро се извадени вкупно 73 рибарски мрежи со димензии на окца од 26 мм (вкупно 40 парчиња) и 24 мм (вкупно 33 парчиња) со поединечна должина на мрежа од 50 метри или во вкупна должина од 3.650 метри. Од водите беа извадени 370 парчиња на охридска белвица во количина од 33 килограми“, соопшти Министерството.
На секое лице ќе му биде издаден по еден прекршочен платен налог во висина од 500 евра.
Вонредниот инспекциски надзор само ги потврди сознанијата кој ги поседуваа овластените лица на ДИЗ дека се врши масовно рибокрадење во водите на Охридско Езеро со посебен акцент во Калишта, Радожда, Пештани, но и на некои други локалитети. Заради сузбивање на ваквите појави и во следниот период ќе се спроведуваат засилени и интензивни контроли од инспекторските служби на ДИЗ.