Блгарското самочувствие – излез од пеколот

587

Што да прави еден млад човек во некое Валандово, Пехчево или Радовиш? Живее со своите родители, мајка му е невработена, а татко му заработува 10.000 денари (одвај) во некој локален бизнис. Баба и дедо се ептен без пари и болни се. Само едниот зема пензија. И тие живеат во истата куќа. Имаа нива на времето, ама ја продадоа за да покријат долгови. Толку знае.

Денот е долг, предолг, иако станува во 12 напладне. Некако се скрпиле пари и му се купил некој мобилен телефон, па цел ден виси на Фејсбук. Игра и игрици разни. Знае малку англиски, колку да се разбере. Знае и компјутери. Бугарски разбира сѐ. Знае да пее на српски.

Се запиша на факултет пред две години во Штип, ама веќе по првиот семестар се врати дома, не му оди. Сестра му се снајде, се запиша на факултет во Скопје и доби кревет во студентски дом, преку врски… Таа подработува во некој кафич и има дечко, скопјанец. Може ќе се земат. Се спаси девојчето, вели мајка му, додека татко му, ако е дома, седи со комшиите во дворот зад куќата, пие ракија и бистри политика. И пополнува тикети за спортска. Не прават многу муабет по дома. Но, се караат прилично често.

Тој не бара работа. Ја нема. Се кара со мајка му која вели дека „бара работа, моли бога да не ја најде“. Тоа не е точно! Сака да работи, ама нема каде. Се мисли да оди во Италија, да работи на фарма, ама никако да му успее. За сѐ треба некоја врска, но и многу среќа, а и пари. Мајка му вели дека немаат за леб, а камоли за апликации и пат.

Одвај чека да му се јави некој од другарите, па да одат во кладилница. Ова утакмиците, наместени се сите, така пишува на Фејсбук. Виси и кај бензинската, евтино е капучиното од автомат. Често пие домашна ракија со другарите. Разговараат за спорт, девојки и политика. Нема чесни девојки, сите се курви.

Најмногу од сѐ, висат на Фејсбук и коментираат коментари. На ТВ гледаат српски и бугарски турбо фолк. Убаво се живее во Србија и Бугарија. И во Скопје.

Кога има митинг во Скопје, тој и неговите другари први се запишуваат за место во автобус. СДСМ поретко организираат автобуси, ВМРО почесто „прават акции“. Пред избори има по некоја работа, па делат флаери, носат капи и маици на партијата што најмангупот меѓу нив ќе ја одбере. Сите негови другари се зачленети во најмалку две партии. Никогаш не се знае која од нив ќе им обезбеди некоја работичка или „екскурзија“ на митинг во Скопје.

Сите до еден во друштвото аплицирале за бугарски пасош и имаат согласност и поддршка од родителите – тоа е сигурна инвестиција. Сите заедно, цело семејство, ќе се изјаснат дека имаат блгарско самочувствие. Откако заврши средно училиште (некако), бил два пати на летување во Дојран. Многу пиеше таму.

Оди и во црква. Секогаш кога поминува покрај неа, се крсти по три пати. Се крсти многу и во кладилница.

Мрази Шиптари. И Грци. И педери. Шиптарите највеќе. Ги мрази и скопјаните.

Многу би сакал да се тетовира, не е сигурен што, крст, девојка, Путин, нешто… Ама секако е скапо, онака си замислува само. Здодевно му е. Цело време. Лете е пеколно жешко, зиме е пеколно студено. Како што стојат работите, единствен излез од пеколот му е блгарското самочувствие. Во меѓувреме, му останува да мрази Шиптари. И Грци. И педери. Така пишува на Фејсбук.

(П.С. Што прави еден млад човек во Брвеница, Букович, Студеничани, Матејче… Во следната епизода со Жолтко и Лутко!)

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...