Собранието на Република Македонија денеска го избра Насер Ајдари, дипломиран правник и државен правобранител, за нов судија во Уставниот суд на Република Македонија.
За изборот на Ајдари немаше расправа на собраниската седница. За предлогот гласаа 62 пратеници, немаше ниту воздржани ниту против.
За изборот на уставниот судија гласаа и присутните пратеници од помалите етнички заедници. Притоа гласаа 22 пратеника и сите беа за изборот на Ајдари за уставен судија.
По изборот Ајдари даде свечена заклетва пред македонското Собрание.
Собранието на денешната 35. седница ги избра и Ангел Солев, поранешен судија и Ангеле Илиевски, адвокат за членови на Советот на јавни обвинители.
На седницата не се присутни пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.