Владата објави целосен извештај за прославата „Одиме напред – Македонија во НАТО и ЕУ”, со вкупните трошоци откако опозиционата партија обвини дека тендерската постапка не била транспарентна.
Од владината прес служба тврдат дека постапката е спроведена законски, со запазување на принципот на конкуренција и во транспарентна постапка.
„Постапката е реализирана согласно член 17 став 1 алинеја 2 од Законот за јавни набавки, за услуги за коишто законот дозволува, поради краткиот временски период да се испратат покани до неколку економски оператори. За двете спроведени постапки се испратени покани до 3 економски оператори и операторите доставиле понуди. На тој начин принципот на конкуренција е целосно запазен. Изборот на најповолен понудувач е направен согласно однапред дефиниран критериум: најниска цена. Не е точно дека во тендерската документација не се опфатени техничките спецификации. Двете тендерски документации од двете постапки содржат технички спецификации“, информираат од Владата.
Според Владата,договорите се објавени во рок од 30 дена од денот на склучување.
„Како што ја информиравме јавноста во целосниот извештај за прославата „Одиме напред-Македонија во НАТО и ЕУ“, вкупните трошоци, за сите настани во 15 градови низ Македонија, со сите ставки изнесуваат околу 180.000 евра, реализирани во законска и транспарентна постапка. Разликата од 6.000 евра во споменатата ставка за потреби и услуги за организација на настаните се должи на соопштениот износ за вредноста на договорот кој без ДДВ изнесува 35.000 евра. Договорот за обезбедување на сценска опрема, бини, системи за озвучување и осветлување, е со повисока сума но реално се потрошени помалку пари, односно како што веќе соопшти Владата потрошени се околу 49.000 евра или по околу 3.200 евра по град. Бидејќи договорот за обезбедување на сценска опрема, бини, системи за озвучување и осветлување е склучен пред одржувањето на настаните, во текот на реализацијата и состојбите на терен е констатирано дека се потребни помалку пари и оттука потрошени се помалку средства“, велат од Владата.
Од Владата додаваат дека постапката за враќање на парите коишто не биле потрошени е веќе започната и дека Владата на очекува во буџетот на Република Македонија, од страна на приватна компанија, да се вратат околу 30.000 евра.