УЈП автоматски ќе ги бара податоците од банките за приливите што ги добиваат граѓаните од странство. Ова значи дека ќе постои програма со која сите приливи од странски фирми на име на граѓани што работат за странски компании, автоматски ќе стигнуваат во графата на УЈП за оданочување. Досега јавна тајна е дека многу поединци, особено од компјутерскиот бизнис, работеа за странски компании и за тоа беа солидно плаќани, но тие пари никаде не беа оданочени.
Ова е суштината на промените на Законот за банки, дознава „Слободен печат“, иако, како што деновиве објаснува надлежните, ќе се гледаат сите приливи на банкарски сметки. Всушност, за сите други приливи што подлежат на персонален данок, УЈП има податоци. Но, за приливите од странски фирми кон наши граѓани, неопходно е „шпионирање“ во банкарските сметки.
Месечно околу 100.000 трансакции со странство
Во УЈП велат дека според направените процени со банкарите, на месечно ниво има околу 100.000 трансакции од странство направени од наши граѓани.
– Тоа не значи дека станува збор за 100.000 граѓани што добиле пари од странство. Можеби еден граѓанин има десетина трансакции – објаснува Весна Новаковиќ од УЈП.
Колку пари се правеле, пак, со овие 100.000 трансакции, од УЈП велат дека тој податок сега и не е важен, односно дека е важно да се прецизираат сите детали околу процесот што ќе овозможи Управата да ги пополнува годишните даночни пријави, место тоа да ги пополнуваат граѓаните.
– Граѓаните со години реагираа дека им е тешко да ги составуваат пријавите и дека има големи турканици пред шалтерите на УЈП во време кога се предаваа годишните даночни пријави за персонален данок. Еве сега тој процес е обратен. Место граѓаните да ни ги доставуваат податоците, ние за нив ги собираме и готовата даночна пријава ќе им ја доставиме на одобрување – вели Новаковиќ.
УЈП не ја интересира кој каде троши
Министерството за финансии пак, по многу контрадикторни изјави и критики во јавноста, излезе со информација дека одржале состанок со УЈП и со Македонската банкарска асоцијација на кој договориле одредени прецизирања на текстот на измените на законот.
„Управата и со постојниот закон добива податоци за сметките на граѓаните на писмено барање. Со промените би се добивала само приходната страна по автоматизам, за останатите податоци Управата и понатаму ќе мора да поднесе писмено барање. Трошењата на граѓаните и состојбата на сметката не ѝ се потребни на УЈП за изработка на претпополнетата даночна пријава“, пишува во соопштението.
Оттаму се децидни дека нема да има никакви промени околу оние приливи од странство што и досега не се оданочувале.
„Нема никакви промени кај третманот на дознаките од странство. Ова значи дека и понатаму ќе се применува постојното законодавство, според кое приливите по основа на лични трансфери, помош и подароци не се оданочуваат со персонален данок на доход“, се додава во соопштението.
Како ќе се заштитат податоците?
Од Министерството уверуваат дека нивото на заштита на банкарски податоци ќе биде дури и повисоко од сегашното, за што се подготвуваат измени во Законот за УЈП.
И претседателот на Здружението на даночни советници Павле Гацов вели дека постојат начини што ќе обезбедат заштита на банкарските клиенти во согласност со Законот за заштита на лични податоци.
– Пристапот до банкарски сметки и тоа за само одредена група шифрирани приходи што се оданочливи, ќе биде автоматски. Многу мал број вработени ќе имаат контакт со тие банкарски сметки, а и за тоа постои решение со одредени сертификати и специјални безбедносни клучеви – објаснува Гацов.
Дирекцијата за заштита на личните податоци, пак, уште во мај годинава дала негативно мислење на предложените измени на Законот за банките.
– Со измените се овозможува преобемно и неограничено обработување на личните податоци, кои по својот обем не се неопходни во однос на исполнување на целите поради кои се обработуваат – изјавија од Дирекцијата.
Весна Дамчевска, „Слободен печат“