Бектеши: Мои роднини не аплицираа за поддршка за конкурентност, за другите функционери комисија ќе испитува

142

Првите 20 милиони денари поддршка од Програмата за конкурентност на Министерството за економија пред две недели им се исплатени на вкупно 81 компанија. Сопственичката структура на овие фирми не беше услов за доделување на средствата, но може да биде дополнително побарана.

Како што соопшти денеска министерот за економија Крешник Бектеши, тој лично не е поврзан со ниту една од овие компании, а формирана е специјална комисија која диреткно на терен ќе проверува дали се реализираат пријавените инвестиции. Средствата се доделени по принципот „прв дојден – прв услужен“.

– Процедурата за оваа мерка беше завршена пред да се објави поддршката од Фондот за иновации и апликациите во рамки на Агенцијата за странски инвестиции. Можам да ви ја доставам листата на сите компании што добиле средства, но треба да се има предвид дека во Министерството за економија средствата се доделуваат по принципот „прв дојден – прв услужен“. Не побаравме изјава од компаниите за тоа дали има функционери во нивната сопственичка структура зашто процедурите веќе беа завршени, а комисијата ги донесе одлуките пред еден месец. Во однос на конфликтот на интереси, за мене лично можам да кажам дека ниту еден од моите роднини или блиски не аплицирал за овие мерки. За другите функционери, формиравме комисија, а истовремено ќе ја побараме и сопственичката структура на сите 81 компанија што добија средства. Ако има конфликт на интереси, ние ќе ги објавиме, но истовремено и вие ќе можете да ја побарате сопственичката структура, вклучувајќи го и управителот на компанијата – нагласи министерот.

За ниту еден од повиците за поддршката за конкурентност, дополни, сопственичката структура не е услов за добивање средства.

Според Бектеши, во моментов нема прецизна анализа колку од компаниите што добиваат државна помош остануваат во живот и работат, но извесно е дека поголемите, познати во јавноста, само растат и се доразвиваат.

Во врска со извештајот на НБРМ дека лани згаснале околу 2.000 компании, министерот наведе две причини. Едната е можеби политичката криза, рече, а другата, постапката за бришење на нефункционалните компании од Централниот регистар која го намали за околу 14 отсто бројот на блокирани транскациски сметки.

– Не може да се каже со сигурност што е конкретната причина за податоците што ги извади НБРМ, но треба да се има предвид дека Министерството за економија не направи измени во регулативата во 2016 и 2017 година. Што се однесува до постапката за влез или излез на пазарот, тоа го води Централниот регистар – напомена Бектеши.

Осврнувајќи се на поддршката од Програмата за конкурентност, министерот информира дека е огромен интересот кај фирмите. На досегашните повици пристигнале голем број апликации и повеќето од нив ги исполнуваат потребните услови. Средства добиле 128 компании. Оние што ги исполнуваат условите, а не добиле средства, ќе бидат поддржани со евентуалниот ребаланс на годинашниот Буџет или со буџетот за следната година.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...