Чешка, Грција, Велика Британија и Холандија се земји кои се интересни за Специјалното јавно обвинителство како држави каде се одлеале парите од Македонија, изјави обвинителката Катица Јанева.
– Имаме контакти со други држави, наши обвинители одеа и на студиски посети. Се надевам дека ќе откриеме дали и каде се одлеале парите или се уште се во Македонија – рече Јанева.
Токму финансиските истраги се најбројните што ги води СЈО, а една од нив е и за проектот „Скопје 2014“.
– Веќе подолг период го работиме „Скопје 2014“, се надевам дека наскоро ќе излеземе со јавно обвинителска одлука – изјави обвинителката.
Обвинителството на Јанева денеска промовира проект кој треба да ги зајакне капацитетите за финансиски истраги. Проектот ќе трае пет години, а добиен е од холандското Министерство за надворешни работи.
– Се надевам со ова ќе ги охрабриме и другите обвинителства во Македонија да аплицираат за вакви проекти и да ги зајакнат своите капацитети – порача Јанева.