Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во видео порака ја обвини власта дека го руинирала образованието. Повод за изјавата на Мицкоски е објавувањето на последната Шангајска листа на која нашите универзитети не се вброени во првите 1.000.
– Ветуваа иднина, а образованието ни е руинирано. Каква е таа иднина кога имаме и официјална потврда дека ниту еден од универзитетите во државата не е според својот квалитет во првите илјада во светот. Ќе потсетам дека ветуваа живот, но добиваме порази. Нема градење на иднина без пристојно и квалитетно образование. Македонија е исклучена од оваа листа – вели Мицкоски.
Според него, додека образованието во Македонија стагнира, во регионот не е така.
– Во првите 500 се универзитетите од соседството Белград, Атина, Љубљана, Софија, Солун и итн – вели Мицкоски.
Мицкоски смета дека ваквата состојба во образованието е резултат на негрижата и немањето на стратегија во високото образование, немотивираноста на наставниот кадар, експериментирањето и политизацијата на образованието.
– Нема во ЕУ со неквалитетно образование кое не е рангирано ниту во првите 1000 универзитети, нема иднина доколку главен приоритет за власта се криминални иновации наместо реформи во образованието. Образованието е поврзано со економијата. Не можете вие да се залагате за развој во економијата и да понудите инвестиции со висока технологија, а при тоа да не можете да понудите кадар кој што е едуциран и може да ги опслужува овие инвестиции- вели лидерот на опозицијата, Мицкоски.