Логиката на стадото

Ќе биде ли претстојниот Референдум (ама и не само тој туку и целава наша реалност) тест за оваа и ваква Македонија односно за нејзиниот глас за иднината контра минатото?

685

Полека, но сигурно животот ни протекува во навистина неподнослива леснотија на анимозитет кон другиот, на ширење омраза и нетрпеливост кон инакумислечкиот, но некако уште пострашно ми изгледа онаа барем во минатото (подалечното, се разбира) непозната невоспитаност и некултура, непочитување на некои базични морални норми, безрбетништво…

Да, многу зборови, секој за себе доволно страшен човек да се подзамисли, а сите заедно како некакво наше ново секојдневие задолжително засолено и забиберено со очајно незнаење, непознавање, неукост, нестручност. Велат, за тоа нема лек – општеството, па и граѓанинот со него, мора едноставно доволно да пораснат за да можат да ги надминат тие слабости. Иако, всушност, тоа не се никакви слабости, тоа не се наши и општи неотпорности, никако, тоа е немање базична култура и воспитување, немање вистинско образование без оглед на завршените школи и магистратури и докторати. Сето тоа не се стекнува баш така лесно. Не се ни надминува лесно, се разбира. Иако, можеби, единствениот лек е – покрај домашната култура и воспитување – квалитетното образование!

Зашто, една варијанта е кога нешто напаѓате, оцрнувате, омаловажувате, дури мразите, ама тоа го правите како тотален идиот незнајко, неука будала која се поведува по она што некој друг му го сервирал како негово „мислење“ и „став“, а сосема друга приказна е кога тоа го правите исто така дрско и безобразно, но со соодветни познавања односно знаење и свест за проблемот за кој што спорите. Или, упростено, одбивањето, дури омразата од незнаење е идиотштина својствена на идиоти, но одбивањето, дури и омразата во која што сепак има искра на познавање на проблемот е рационално, свесно несогласување. Па нека е и погрешно, нека е и тврдоглаво, тврдокорно, што би рекле, но произлегува од свест и познавање на проблемот и следствена на тоа – реакција. Тоа, впрочем, го одвојува човекот од стадото (овци, крави, волови, изберете сами).

За жал, нашата стварност сѐ повеќе заличува на онаа на стадото, каде голема група граѓани – тотално неуки, тотални незнајковци, и не само незнајковци туку и такви кои ниту сакаат да научат – тера инает со цела држава околу витално важни прашања не само за нив туку за сите нас. На тоа е сведен за среќа еден помал дел од Македонија денес на чело, разбира се, со „најпатриотската“ ни партија која го води стадото директно во бездна, и таа самата раководена од тотални незнајковци и игноранти, некои закитени и со секакви академски титули. Ним, норамално, им оди во прилог стадото да биде што помалку писмено, никако културно и воспитано, најмалку образовано, зашто тогаш (рако)водењето станува не баш така лесна работа. Образованиот и освестен поединец тешко се приклонува кон необразованото „братство“. А ако се приклони, тоа сепак ќе биде негов личен избор, а не избор на стадото!

Како општество изгубивме цели дванаесет години по разноразни трла – партиски, антиквизациски, националистички, етнички – сите со еден заеднички именител: простотија и необразованост, некултура и невоспитание. И тој отров се вгнезди во македонското општество, дури беше (не баш така тивко и невидливо) поттикнуван од тогашниот режим како македонска доблест. И затоа и не е така лесно отстранлив. А ја видовме неговата кулминација во сета жестина на минатогодишниот 27 април! Па од една страна велиме: да не се повтори, ама безмалу ништо не правиме во таа насока. Дури напротив! Ситуацијава со Спогодбата со Грција, па и онаа со Бугарија, а особено претстојниот Референдум не се претворија во тест за нашето чувство за државност туку во бојно поле за повторно дивеење на секакви неписмени или полуписмени самопрогласени „водачи“.

Такви секогаш сме имале одповеќе, но ни недостасувале разумни, рационални, демократски и прогресивни поединци кои влеваат доверба наместо недоверба, оптимизам наместо дефетизам, ум наспроти шупливост… чие кредо се демократијата и добросостојбата а не автократијата и криминалот. Кога еден од предводниците на стадото ги убедува истомислениците дека ќе сме го загубеле идентитетот само поради тоа што институциите ќе морале да бидат преименувани согласно новото име на државата, говори ли како професор или како предводник на стадото, како сериозен политичар или како политикант кој сака да си обезбеди идни којзнае колку години беда во државава за да може да шефува со толпата? Или навистина толку разбира?

Човек никогаш не е сигурен со нашава „политичка елита“! Но, згора на сѐ, испаѓа дека токму таква „елита“ – образована а полуписмена, со академски титули но без ум и логика во црпките, националистичка наместо проевропски ориентирана – ни е потребна за да им дадеме акцент токму на нашите (демек) позитивни ставови. Но, тоа не е посакуваниот излез ниту за една демократија. Само образован, умен, писмен и логичен опонент е вистински опонент: политички, културен, економски и секаков друг.

И повторно: ќе биде ли претстојниот Референдум (ама и не само тој туку и целава наша реалност) тест за оваа и ваква Македонија односно за нејзиниот глас за иднината контра минатото? Којзнае, би требало, зашто мрачните националистички и скарадно малоумни сценарија, колку и да се прилепени за еден мал и во суштина идејно мизерен дел од нашава популација, сепак тендираат да се шират и кај онаа самоумислена полуписмена багра чиј глас може да се покаже како пресуден. Зошто? Прво, поради нивната бројност, и второ поради фактот што најголемиот дел од нив не може во денешнава констелација на односите да смета на некакво ухлебие кај власта.

Токму поради тоа е неопходна сериозна, ама навистина сериозна и обмислена кампања која ќе објаснува но не и агитира како во времето на политкомесарите, која ќе се темели на размислите на сериозни политичари и интелектуалци и нивната моќ на „упростување“ на прашањето но и ефектна поента. Актуелниве бит-пазарски ценкања кој колку треба да добие од парите наменети за кампањата само влева уште поголема доза на страв дека ние, всушност, не сме ни свесни во каков миг живееме. Ама другине – се, без оглед што и како ние мислиме за нив. А потоа, како и обично, ќе биде доцна!

 

(преземено од Теодосиевски уметност)

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...