Поранешниот генерален директор за проширување на Европската Комисија, Пјер Мирел, во интервју за МИА објаснува дека Македонија требаше да биде одвоена од Албанија за доделувањето датум за старт на преговори и вели дека жали поради одлуката на Франција да го одложи овој процес, јави дописничката на МИА од Брисел.
– Албанија, за која всушност не е толку страшно да се одложи за една година, каде процесот на „ветинг“ е сѐ уште во тек и не е голем проблем, а за Еди Рама не беше тешко. Правам разлика со Македонија, за која за да се помогнат шансите за референдумот ќе беше совесно да се отворат преговорите и жалам што Франција зазема таква позиција. Макрон вели дека треба внатрешни реформи, да тоа добро го знаеме, но реформите можат да се прават паралелно со пристапните преговори – вели Мирел во интервјуто.
Поранешниот директор е категоричен дека следната година земјите членки нема да го блокираат датумот за преговори за Македонија, без разлика на изборните резултати на европските избори во мај.
Според Мирел не е исклучено Македонија да помине пред Србија кога ќе започнат преговорите со ЕУ, но тој предупредува дека е важно Европската Комисија да се држи до таканаречениот „нов пристап“ во преговорите.
Според новиот пристап земјите кандидати ги отвораат прво поглавјата кои се однесуваат на правната држава и судството, но освен тоа тој пристап налага и многу подлабока контрола на имлементацијата на реформите.
-Тоа веќе се наоѓа во акциските планови 23 и 24 за Црна Гора и Србија, но извештаите покажуваат дека не е тоа тоа. Последните извештаи и за Црна Гора и за Србија тоа го покажаа. И ова е клучна точка: ако ЕК се држи до овој принцип, тогаш може да имаме изненадувања во брзината и напредокот во процесот, затоа што може да треба многу повеќе време од што е предвидено. Затоа што не станува збор само за усвојување закони, туку и нивно спроведување на терен – вели Мирел за МИА.