Турската лира и економијата на земјата ги тресе исклучително сериозна криза. Недовербата на меѓународните финансиски институции кон новиот претседателски систем од една страна и зголемувањето на проблемите со САД, предизвикаа драстичен пад на вредноста ма турската лира, пренесува БТА.
Во петокот американскиот долар достигна рекордно ниво од 6,7 до 6,8 турски лири. Курсот на лирата за само еден ден падна за 23 проценти.
За жал прогнозите велат дека рекордните ниски нивоа ќе продолжат.
Според експертите, владејачката Партија на правдата и развојот (АКП) и самиот претседател Реџеп Тајип Ердоган првпат се соочуваат со толку сериозна криза откако се на власт од 2002 година.
Професорот Хајри Козаноглу од Универзитетот Алтанбаш посочува дека во моментот турската економија е пред колапс. Надворешниот долг на Турција достигна 446 милијарди долари, а долговите на компаниите изнесуваат 340 милијарди долари. Според експертот, причина за ова е неолибералната политика на владејачката АКП.
– АКП која ги следи неолибералните политики почна да дејствува спротивно на сопствените правила и сопствената логика. Таа започна да се однесува крајно арогантно. Без да се советуваат со финансиските институции и без да ги прифатат пораките, тие мислеа дека ќе можат да продолжат по патот што го трасираа институционалните структури на капитализмот, занемарувајќи ги сите правила, поради што бродот заглави во крајбрежните карпи, коментира Козаноглу.
Според него, американскиот претседател Доналд Трамп успеа на најдобар начин да го искористи ќорсокакот во турската економија.
– Во момент кога турската економија не се поместуваше од ќорсокакот во кој западна, Владата се зафати со иницијативи во надворешната политика кои беа преголем залак за неа. Од таквата ситуација полза имаше Трамп, кој бараше противник на кој ќе му покаже колку е силен и него го најде во ликот на Ердоган, вели професор Козаноглу.
Тој прогнозира многу сериозно затегнување на појасите, без што според него, нема да биде можно да се оствари ниту најмал напредок во оваа тешка ситуација.
Опозициските Добра партија на Мерал Акшанер и Партијата на среќата на Темел Карамолаоглу застанаа во одбрана на економските мерки на Владата за излез од кризата, што пред неколку дена ги најави министерот за финансии за економија Берат Албајрак.