Бугарската Влада одобри нацрт Програма за соработка во областа на културата меѓу Министерството за култура на Република Бугарија и Министерството за култура на Република Македонија за периодот 2018-2021 година, соопшти бугарската владина прес-служба.
Културната соработка меѓу двете веќе е регулирана со Спогодбата меѓу владите на двете земји, потпишана во Скопје на 15 мај 2000 година, како и во духот на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Бугарија и Република Македонија од 14 февруари 2018 година.
Нацрт-програмата ги зема предвид заемните интереси на двете земји и ги содржи сите неопходни текстови за развој на односите меѓу Бугарија и Македонија во областа на културата.
Предложената нацрт-програма ги регулира можностите за соработка во областа на театарот, литературата, уметноста, преводот и објавувањето творби на писатели од другата земја, организирање изложби и музички фестивали, кино, музика, танц, заштита на авторски права.
Се прецизираат и ангажманите на двете земји за зачувување на културното наследство и соработката за спречување на незаконска трговија со културните вредности.