Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, се сретна со претставници на дијаспората од Македонија во Италија, Швајцарија, Луксембург, Германија, Словенија, Хрватска, САД.
На средбата е изразена поддршка на владините политики за членство на Македонија во НАТО и во Европската унија.
Владата соопшти дека на состанокот се разговарало за повеќе актуелни прашања, меѓу кои и за важноста на претстојниот референдум и за потребата од проактивна улога на сите граѓани, вклучително и на дијаспората со цел успешен референдум, што ги отвора перспективите на Македонија и можностите за квалитетен живот на сите граѓани.
Претседателот на Владата, Заев рече дека НАТО и ЕУ за Република Македонија значат економија, стабилност и безбедност и изрази очекување за успешен референдум.
– Мнозинството граѓани на Македонија веќе се изјаснија за промени, за перспективи наместо изолација, за благосостојба наместо сиромаштија, за реформи и демократија што водат кон квалитетен живот и безбедна иднина на државата и на сегашните и идните генерации. И убеден сум дека на референдумот ќе биде потврдена одлуката за евро-атлантска иднина на Македонија, што ќе донесе и европски живот во Македонија и стабилност и безбедност. Ве повикувам, како што си ја сакате државата, да излезете на претстојниот референдум и со тоа и вие како дијаспора, да дадете значаен придонес во овој историски момент за напредок на Македонија – рече премиерот Заев.
Претседателот на Владата Заев и претставниците на дијаспората зборуваа за придобивките од реформските процеси во државата, од воспоставувањето добри односи со соседите и од евро-атлантските интеграции.
– Вистински патриот е оној кој ќе ја обезбеди иднината на државата. Тоа е придобивка за нашите деца, за сегашните генерации и остварување на вековниот стремеж на нашите претци за потврда на идентитетот на граѓаните Македонци, на македонскиот јазик и поставување на Македонија како држава, еднаш засекогаш, во светското семејство на држави – рече премерот Заев.
Претседателот на Владата, Заев, им се заблагодари на претставниците на дијаспората за желбата да го помогнат остварувањето на стратешките цели на државава, членство во НАТО и ЕУ, а со тоа и за економски просперитет на Македонија.
На средбата се поздравени искрените политики на Владата кон дијаспората, што овозможуваат услови за инвестирање во родната земја. Претставниците од дијаспората се интересираа за можностите за инвестирање и за областите во коишто се потребни инвестиции.
Средбата помина во пријателска атмосфера и со договор за поинтензивни контакти помеѓу Владaта, општетсвотo и дијаспората од Република Македонија.