Се може без секого што го нема. Ова сублимирано се коментарите на функционери на ДУИ со кои контактираше Плусинфо, откако вчера вицепремиерот за Рамковниот договор Хазби Лика не се појави на одбележувањето на годишнината од потпишувањето на документот. Наместо вицепремиерот за Рамковен, првпат годинава прославата ја организира вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи.
Но и поддржувачите и критичарите на Лика се децидни дека лидерот на ДУИ Али Ахмети нема да побара негова смена од вицепремиерската функција. Според едни, Ахмети никогаш нема да побара оставка од соборецот и пријател од ОНА, според други, смена ќе нема за гласачите самите да се уверат дека „Лика е неработник“.
Од партијата коментираат дека нема да брануваат поради отсуството на Лика, барем не до референдумот и ќе чекаат вицепремиерот самиот да се „потроши“.
– Не верувам дека ќе се бара оставка од Лика. Се може без секого што го нема, и онака неговите обврски други ги завршуваат. Ахмети и сопартијците му ја дадоа целата доверба тој да го предводи Секретаријатот за Рамковниот, но се покажа дека е неработник, дека не го бива. И на Ахмети му се смачи да го турка цело време, изгледа дека и лидерот кренал раце од него. Ако го сменат, Лика ќе се претстави како жртва. Вака самиот нека се потроши – вели функционер на ДУИ.
Присутни на годишнината од Рамковниот велат дека на прославата никој не го коментирал отсуството на Лика, дека не ни забележале оти „домаќинот“ го нема. Тие додаваат дека токму поради „неработењето“ и отсуството на вицепремиерот од Владата, Османи ја организирал годишнината на Рамковниот.
Од партијата за Плусинфо потврдуваат дека Лика веќе неколку месеци не ги координира министрите на ДУИ, што било пракса на партијата вицепремиерот за Рамковниот да биде координатор на кадрите на ДУИ во Владата.
И таа обврска сега формално му е дадена на потпретседателот на ДУИ и министер за животна средина Садула Дураку, а суштински координатор е Бујар Османи.
Од друга страна, некои функционери велат дека не е добро за партијата тоа што Лика не се ни појавил на годишнината.
„Војна“ за и против негова оставка, како и коментари за отсуството од прославата од вчера се води и на социјалните мрежи.
Лика, пак, не крева телефон, ниту одговара на пораките зошто не се појави на годишнината, ниту коментира за обвинувањата од сопартијците. Вицепремиерот ја честиташе годишнината од Рамковниот преку објава на Секретаријатот.
Вицепремиерот не присуствуваше ни на 100 дена Влада, ни на прес-конференцијата за Договорот за името. А не се појавил ни на денешната владина седница.