Сѐ додека политичарите, без разлика дали се на власт или се во опозиција, се занимаваат со историја и прават политика од неа, сѐ дотогаш овде на Балканот работите ќе изгледаат така. Навистина понекогаш се чудам зошто не разбравме дека историјата е наука која се темели на историски аргументи, документи, факти од минатото кои ги истражуваат, проверуваат, толкуваат и објасуваат историчарите. Историјата е точна наука која многу често личи на математиката. Имаш факт и доказ имаш историја, немаш таков, немаш историја.
Сметам дека заедничката комисија за историја помеѓу Македонија и Бугарија треба да започне што е можно поскоро со работа. Доста е со церемонијални средби, прегратки и состаноци.
Идните генерации нема зошто да бидат предмет на обработка преку извитоперениот образовен процес по историја со цел да се мразат едни со други, туку обратно, поучени од минатото да бидат подготвени да ја градат заедно својата европска иднина.
Бидејќи оној кој не го познава објективно минатото, не ги знае своите грешки од тогаш, како и причините и условите за таквите грешки, е потенцијален повторувач на истите.
Со нетрпение очекувам МАНУ да организира меѓународна конференција на темата која беше предмет на медиумските препукувања. Би сакал со задоволство нашите сограѓани да имаат можност да ги слушнат мислењата по ова прашање на научниците од цел свет и особено оние на историчарите од Турција, Бугарија, Македонија, Грција, Албанија и Србија.
Оставените отворени прашања секогаш ќе бидат користени од некои недобронамерни структури со цел да се извлечат внатреполитички поени. Игрите со емоциите на граѓаните преку манипулативното претставување на историската вистина е модел на однесување на тоталитарните-комунистичките и другите насилни системи на државното уредување.
Недозволиво е во демократски земји да се случуваат такви работи.
Како што велеше баба ми, Бог да ја прости, „Синко за кавга се потребни двајца, нема како да се караш сам со себе“, во контекстот на она што се случи последните неколку дена со официјална Софија само можам да констатирам со жалење дека тие двајца на Балканот секогаш се наоѓаат еден со друг!