Во пресрет на референдумот за името, крајно спротивставените ставови и тврдења што од темел ја потресуваат и поларизираат македонската политичка сцена, многумина граѓани и избирачи во Македонија, а можеби уште повеќе оние во дијаспората, ги внесуваат и заглавуваат во една шизофрена ситуација. Силната пропаганда ја наметнува припадноста или поддршката кон партискиот идентитет како суштински дел од егзистенцијалната опстановка во секојдневието. Македонските избирачи, од кои, патем речено, мнозинството воопшто не го ни прочитале Договорот со Грција, и покрај од поодамна јасната и остра поделба во однос на партиско-политичките симпатии, сепак не може да бидат имуни на амбивалнтни чувства и контрадикторни ставови.
Од една страна, македонската Влада тврди дека и покрај нужниот компромис околу Договорот, и отстапките што тој ги подразбира, сепак македонскиот идентитет и македонскиот јазик се признаени и гарантирани еднаш засекогаш, додека опозицијата, поддржана од претседателот на државата, труби на сите страни дека станува збор за капитулантски договор, со кој не само што не се заштитува македонскиот идентитет, туку дури и „правно се укинува македонскиот народ“. Тешко е во овие денови да се биде македонски избирач, кој треба да заземе јасен став, и тоа токму околу идентитетските прашања.
На најширок план, по кризите што во последните години ја погодија ЕУ, политичкиот развој го обележаа конзервативни, националистички и популистички реакции. Посебно кога станува збор за зајакнување на националистичкиот поглед кон идентитетот, што често резултира со тоа што многумина стануваат помалку толерантни кон културната разновидност и не успеваат да го согледаат значењето на вистинските општествени предизвици во времето на глобализацијата. Националистичката идентитетска политика претставува сериозна кочница пред идниот развој на ЕУ, бидејќи е во спротивност со индивидуалните права, европската демократија и правото на државјанство, како и наддржавните решенија (што функционираат преку националните граници).
Отворена економија и толерантно општество се, сосема јасно, во спротивност со повиците за „вртење на грбот“ и изолација од ЕУ, според принципот на пропагирање некаква етничка хомогенизација. Ниедна нација во Европа не е изградена врз
„вистински“ идентитет, култура или историја, без митолошки или политички претстави и сфаќања. Нациите во Европа, и нивниот развој како држави, се под постојано влијание што доаѓа од разни страни, како во рамки на ЕУ, така и вон нејзините граници. Отворањето кон други култури и влијанија од други држави не претставува никаков „политички“ гамбит, иако во принцип придонесува кон побрз развој.
Во ЕУ граѓаните веројатно во најголем обем можат да ги развиваат своите идентитети на локално, регионално, национално, како и на европско ниво. Респектот кон изборот на поединецот кога станува збор за идентитетот е мошне подобра алтернатива отколку националистичкиот поглед што во преден план го ползува стравот дека сопствениот идентитет е изложен на закана.
Не случајно одвреме-навреме се актуализира дебата околу иднината на Европа со предупредувања дека ЕУ ризикува да стане централистички разводнет проект на супердржава. Од оптимистичка гледна точка се тврди дека таквиот ризик е незначителен, токму поради културата. Уникатноста во ЕУ-проектот е токму мешавината на култури, контрастите, јазичната разновидност, локалните културни специфики што се засилуваат и покрај процесите на интеграција и хармонизирање на европското законодавство. Веројатно не е никаква случајност фактот дека Баскијците, Корзиканците, Каталонците или Шкотланѓаните се вбројуваат меѓу европските граѓани со најпозитивни ставови кон ЕУ. Својот оптимизам тие во основа го темелат врз сознанието дека регионалната култура го засилува својот статус токму како резултат на блиска европска соработка. За еден жител на Барселона, кој пред сѐ е Каталонец, потоа Европеец, и можеби и Шпанец (како можен трет сегмент на сопствениот идентитет) една поблиска европска културна соработка не претставува никаква закана. Напротив, токму Каталонците свесно прават големи напори да го промовираат својот јазик и култура во целата ЕУ. Иако и унапредувањето на европскиот културен дух во последните години се наметнува како сѐ поважно прашање во однос на реалните можности за меѓусебно доближување на Европејците и подобрувањето на добрососедските односи.
Успехот на десничарско-популистичките партии ширум Европа, и покрај сите искуства од европските трагедии во 20-тиот век, покажува дека сепак не е мал бројот на избирачите што сакаат својот глас да им го дадат на партии чии идеи веќе се наоѓааат на отпадот на историјата. Тоа се должи на политиката што се гради врз инсистирањето дека во центарот на општеството мора да бидат нацијата и религијата, а не животниот стандард, екологијата, човековите права, како и посигурна иднина за идните генерации.
Националистичка идентитетска политика е ниту прогресивна, ниту, пак, ориентирана кон иднината, туку води кон нетолеранција и изолација. Проблемите што денеска постојат во рами на ЕУ и во нејзиното соседство, не можат да се решат со политика што повикува на затворање во националните граници.
Интересно ќе биде да се види какви заклучоци ќе извлече Европската комисија од исходот на македонскиот референдум. Познат е примерот дека дури и премиерот на Ирска за медиумите изјави дека не го прочитал детално текстот на Лисабонскиот договор што ирските избирачи своевремено го отфрлија на референдум. Европската комисија тогаш тврдеше дека вознемиреноста или несигурноста на граѓаните пред усвојувањето на секој нов ЕУ-договор никогаш не треба да се игнорира. Бидејќи ЕУ е процес. Референдумско „не“, пак, е одговор, но не претставува, и не е – решение.