Павлопулос: Промена на Уставот и име без иредентизам предуслови за договор

Не може во никој случај ова име да подразбира промена на границите, не може ова име да упатува на етничка припадност вон границите на ПЈРМ и трето, не може ова име да упатува на јазик надвор од границите.

549

Промена на Уставот и име кое нема да зрачи иредентизам, а ќе обезбеди три гаранции: „не“ за промена на границите, „не“ за етнички заедници вон границите и „не“ за јазик што би настојувал на права вон границите. Ова, според грчкиот претседател Прокопис Павлополус, се предусловите за решавање на спорот за името и постигнување договор меѓу Атина и Скопје.

– Прво да го сменат нивниот Устав, а потоа, кога ќе стигнеме до каков било договор, во овој договор ќе има име кое нема да зрачи иредентизам. И кога велиме иредентизам мислиме на три работи: не може во никој случај ова име да подразбира промена на границите. Второ, не може ова име да упатува на етничка припадност вон границите на ПЈРМ. И трето, не може ова име да упатува на јазик надвор од границите, што би предизвикало малцински права и во оваа област. Овие три работи се факт -изјави Павлопулос, вчера од грчката општина Пиндас-Колиндру, каде што беше прогласен за почесен граѓанин.

Како што јави дописникот на МИА од Атина, Павлопулос потенцираше дека е потребна промена на Уставот како основен предуслов за решение, но и „за заштита на самиот премиер на ПЈРМ“.

– Не може во моментот кога доаѓаат да се договорат за компромисот кон кој и тие се стремат, да ти кажат: овој компромис ќе го направиме, но не можеме сега да го смениме Уставот, ќе го смениме во иднина. Дали е тоа демократска земја? Премиерот на оваа земја не разбира каква опасност предизвикува самиот кога изјавува дека е спремен да потпише еден договор што е спротивен со Уставот? Можете да си замислите некој лидер од Западот, од ЕУ, да кажеше такво нешто? – додаде Павлопулос, објави МИА.

Според грчкиот претседател, ставот на Грција е јасен и е во согласност со меѓународното и европското право и не е „Грција одговорна доколку самите, со нивниот став, ја поткопуваат нивната НАТО и ЕУ перспектива“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...