Руско-турска „голема рокада“ за Македонија?

1948

Каков би можел да биде успехот на руската агенда во Македонија, кога нејзиното оперативно спроведување му е доделено на некаков Јанко Бачев и на неколкумина тотални аутсајдери слични на него?

Па, јасно е дека, ако очекуваме некаков конструктивен резултат, нема да има никаков позначаен успех. Ќе потрошат нешто евра од некој руски олигарх кој им е ставен на располагање – веројатно од оној со кипарско потекло што, ене го, седи во Солун – ќе платат автобуси и сендвичи за некој протест или викенд-митинг, ќе држат без врска прес-конференции, ќе прошират лево-десно некоја шашма и ќе останат како тажна фуснота во македонската модерна политичка историја. Толку.

Самиот неуспех да се пронајдат некои порелевантни и посолидни политички кругови кои би се зафатиле за напредувањето на руската политичка агенда во земјава, веројатно говори и за самиот квалитет на таа агенда.

Сепак, тоа е она што загрижува.

Во Македонија, имено, постои голема почит за руските достигања во областа на науката, културата и уметноста – кога и да отидам на некое гостување на руски музичар, салите се распродадени, а вредностите на руската книжевност, на пример, се високо ценети, како и во целиот нормален свет, впрочем.

Но, овде нема да најдете многу умни луѓе, па дури и ако сте идеолошки очаен како Хорхе Иванов, на пример, кои ќе се зафатат со јавно промовирање на политичките идеи на Путин. Дури и повеќето од оние кои публично флертуваат со неговите недемократски политички постулати тоа повеќе го прават, понекогаш и со добра причина, од инает кон Западот или заради некои други свои политички и кариерни фрустрации, а не затоа што мислат дека политиката на Русија е реалната, исплатлива стратегиска иднина за Македонија. Никогаш не била и нема сериозни најави некогаш да биде.

На таквата недоквакана македонска „руска агенда“, нормално, се надодава и прашањето на етничките Албанци во Македонија. Но, бидејќи политичкиот продор на Русите кон нив, од познати причини, е рамен на нула, во последно време се забележува поинаква руска стратегија за Албанците на Балканот: влијанието меѓу нив како прилично да му го препуштаат на новото другарче на Путин, турскиот претседател Ердоган, кој толку ја сака Македонија, што постои реална опасност да нè задуши од гушкање.

Тој автократски „дует од соништата“ – Ердоган и Путин – се таман одговор на западното влијание на Балканот: наместо да се расправа за демократски политички вредности и за прашањата за функционирањето на граѓанското општество, руско-турската „соработка“ на Балканот расправата ја поместува на ексклузивно емотивниот терен за разликите во верата и религијата. „Голема рокада“, што би се рекло со шаховска терминологија. На тој терен, кога ќе ги споите социјалните потешкотии со верските чувства на луѓето, може чуда да се постигнат! Можностите за разновидна конфронтација и бескрајна манипулација се, практично, безгранични.

Можеби тоа и ја објаснува сè поистакнатата улога што владиците Агатангел и Петар ја играат на сцената којашто не им доликува, политиката. Како од некаков прирачник да се излезени.

Затоа, не дека силината и на турската и на руската агенда во земјава треба да се преценува, но сегашното „танго“ на овие две големи регионални сили околу балканските и блиско-источните простори не е добро да се преспие.

Извор: Цивил медиа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...