Ми вели еден пријател, ветеран во ВМРО-ДПМНЕ, дека ќе гласа ЗА на референдумот, во муабетот пред дуќанчето во кое пазарам. Искрено, ме изненади, знаејќи ги неговите политички ставови и определби. Му велам, не е важно дали некој ќе гласа ЗА или ПРОТИВ, важно е да се искористи правото на глас, не само на овој референдум, туку во секој изборен процес. Без оглед на мојот личен став за референдумот и за целиот процес, искрено мислам дека секој треба да одлучи за себе, без страв и притисоци, колку и да мислам дека тоа е погрешно или исправно. Но, тоа веќе го знаете за мене… „Туку, од каде оваа одлука?” – го прашувам моето другарче. Ми вели: „Искрено, на почетокот се двоумев. Имав аргументи за, но и против. Ама кога видов кој сѐ е против, сфатив дека е погрешно да се биде на нивна страна.”
Разговараме дали е, сепак, можно погрешни луѓе на погрешен начин да застанат во одбрана на праведна цел? Можат ли екстремисти и насилници да бранат слобода, демократија и прогрес. Можеби, во некои времиња на ужасно комплицирани околности, но овде се работи за многу поедноставно прашање и многу се јасни работите – значи, не може, заклучуваме заеднички. Разговараме за политичките партии, за острата поделеност, за притисоците… „Нема веќе ниедна партија да мисли наместо мене“ – рече тој замислено и со нескриена горчина, а со тоа го определи и насловот на денешниов текст.
Во зборовите на мојот пријател се состои суштината на партиското организирање во нашата земја. Едноставно, партиските структури на моќта го узурпираат правото на членовите да мислат со сопствена глава. Тоа може да биде погубно за самата партија. Особено ако на чело на партијата е „дил-ориентед“ структура што брани тесни интереси, а не идеја и стратегија. Не вреди ни да се спомене дека за нив државата е само дуќан од кој може многу добро да се заработи.
Затоа, сосема е неважно дали сегашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ ќе повика на бојкот на референдумот или не. Тоа што во јавноста го нарекуваат тактизирање околу нивната одлука е наивно. Јасно е дека во партијата има сериозен раскол меѓу оние што водат тотална војна (на сѐ или ништо) за спас на Груевски и Фамилијата и оние што сакаат да ја демократизираат и модернизираат најголемата десничарска партија и, на пример, да го задржат членството во Европската народна партија (примеров не е наивен, ниту има споредно значење).
Познато е дека тоа што ВМРО-ДПМНЕ го мисли, екстремистите го кажуваат. Едните кокетираат, а другите отворено работат за руските служби (не за Македонија). Во таа несмасна игра си нанесуваат тешка политичка штета, малку случајно, малку и намерно, бидејќи таму има живописни ликови со големи амбиции и ограничени капацитети.
Затоа, сеедно ќе биде што ќе каже Мицкоски кон средината на септември (или некој ден порано). Штетата е направена. За среќа, не е непоправлива. За тоа сведочи ставот на мојот пријател од почетокот на ова писание. Луѓето полека почнаа да сфаќаат дека треба да ги разграничат работите. Но, бавно оди освестувањето, бавно се извлекуваат поуки. Деновиве, на површината излезе срамот дека луѓето не читаат. Договорот со Грција не го прочитале 97% од луѓето што живеат во Македонија. И да е двојно помала бројката на оние што НЕ ЧИТААТ, премногу е. Значи, едни ќе гласаат за, други против, а некои дури и ќе бојкотираат… На невидено!
Научивме уште една лекција. На површината излезе и грдото лице на националистите. Добро, за тоа и не е потребно да се вложи многу труд, отсекогаш беше јасно дека национализмот е валкан, грд и глупав. Но, за среќа (во несреќа) се разобличија докрај изворите и методите на црната пропаганда. Тоа е уште една горчлива лекција што ја научивме оваа година.
Добрата страна на лекциите што ги научивме е тоа што, колку и да е гласен национализмот, колку и да е скапо платена операцијата со која нарачателите на кампањата за бојкот се обидуваат да ѝ дадат видливост и да ја прикажат како масовна – не им успева. Македонските искуства, но и пошироко во регионот, кажуваат дека, без оглед на масивноста на манипулациите, луѓето ни оддалеку не се глупави и успеваат, во пресудни мигови, да го најдат патот низ лавиринтите на пропагандата и лажните вести. Имавме такви примери во земјава и на самиот почеток, од осамостојувањето во 1991 година, но и неодамна, со Шарената револуција, како и во деновите по нападот на Собранието на 27 април 2017 година, кога општеството се мобилизираше и луѓето донесуваа мудри одлуки, по сопствено убедување. Макар и не читале. Иако подобро ќе биде за сите ако повеќе читаат и дебатираат за важните теми во оваа наша заедничка, историска сегашност.
Дека нештата не се онакви како што изгледаат на прв поглед говори и двојството во однесувањето на официјалниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ. Веќе одамна не е тајна дека Мицкоски пласира сосема различни ставови во своите јавни настапи и во приватната комуникација кога е вон досегот на камерите. Многумина тоа го толкуваат како последица од силниот притисок што тој го трпи од првиот ден кога е поставен на таа функција. Тој, едноставно, е растргнат меѓу минатото и иднината на партијата. Минатото го турка кон распад на партијата, а иднината кон модернизирање, демократизација и зајакнување. Како и во случајот со сите нас, со Македонија.